На празникот Свети апостоли Петар и Павле, во сабота 12 јули 2025 година, во истоимената црква во Гевгелија, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов служеше света археирејска литургија, по повод патрониот празник. Со епископот Стојанов сослужуваа деканот, ректорот на светилишето во Паљруци и директор на Македонски Каритас, протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, протојереј ставрофор отец Тома Ангелов, парох во Богданци и отец Ристо Самарџиски парох во Гевгелија.
На светата Литургија покрај сестрите Евхаристинки од Гевгелија и Скопје присуствува и верници од Гевгелија и околните места.
На почетокот од свеченоста епископот Стојанов ја благослови иконата на светите Петар и Павле поставена на влезот од црквата, а за време на проповедта изрази искрена благодарност до семејството Стојкови, Гордана, Никола и нивниот син Зоран, кои со љубов ја даруваа новата икона на врховните апостоли. Иконата, која од денес го краси храмот однадвор, е изработена од истакнатиот уметник од Гевгелија, г. Борис Петров, познат и почитуван и надвор од границите на Македонија.
Осврнувајќи се на празникот на светите апостоли Петар и Павле, епископот Стојанов зборуваше за значење на овие две личности за животот на Црквата. Апостол Петар и апостол Павле ја претставуваат динамичната и различна природа на христијанството: Петар е карпата на која Христос ја изгради Црквата – симбол на цврстината, традицијата и внатрешната сила, додека Павле е мисионерот, апостолот на народите, проповедникот што ја шири Радосната Вест надвор од границите на јудејската вера.
Тој нагласи дека двајцата апостоли се претставници на два вида христијани. Едните се верници од најмлади години, воспитани во вера, кои без големи внатрешни турбуленции остануваат верни на Бога целиот свој живот. Другите се луѓе кои пораснале без вера или дури и во спротивставување на верата, но подоцна – по свој пат и искуства – пристигнуваат до Бога, и нивната вера е често посилна и подлабока.
Во продолжение, ја истакна важноста на Петар, Папите во животот на Црквата, а зборуваше и конкретно за нивниот придонес за Црквата во Македонија.
Епископот Стојанов истакна дека сè додека Црквата ќе има свои Петровци и Павловци – ќе живее, ќе расте и ќе се обновува. Потоа зборуваше за Крсниот пат во Паљурци на отворено кој беше поставен минатата сабота и рече: Апостолот на народите и првиот евангелизатор на Македонија, останува живо присутен преку светилиштето во Паљурци, посветено на Марија Утешителка, каде веќе неколку години се случуваат необјасниви феномени. При тоа упати благодарност до сите што помогнаа да се реализира тој проект. Зашто, Крстниот пат не е само молитва за Великиот пост – тој е духовен пат што секогаш ни носи неискажливи благодати – рече епископот Стојанов.
Свеченоста заврши со заедништво и агапе во дворот.
к.мк