Државниот секретар на Ватикан Пиетро Паролин на 9 април 2021 година испрати телеграма во име на папата Фрањо до англиската кралица Елизабета Втора по повод смртта на нејзиниот сопруг принцот Филип.
„Тажен од веста за смртта на вашиот сопруг принцот Филип, војводата од Единбург, Неговата Светост Папата Фрањо изразува искрено сочувство до Вашето Височество и членовите на кралското семејство“, стои во телеграмата на кардиналот Пиетро Паролин. Во писмото се потсетува на верноста на принцот кон бракот и семејството, како и на неговите долги години јавна служба и особено неговата посветеност на образованието и напредокот на идните генерации.
„Неговата Светост го препорачува на милосрдната љубов на Христос Откупителот“ – стои во телеграмата. „На вас и на сите што тагуваат за неговата загуба, со сигурна надеж во воскресението, Светиот Отец моли Господов благослов за утеха и мир“.
Ватикан њуз/к.мк