Светиот Отец изрази сочувство за смртта на словачкиот кардинал, сеќавајќи се на него како човек поткрепен со длабока вера и далекувидна визија, кој понизно и пожртвувано служеше на Евангелието и на Црквата.
Драг и мудар брате, вака Папата ја започнува телеграмата со сочувство за 98-годишниот кардинал Јозеф Томко, почесен префект на Конгрегацијата за евангелизација на народите и Папската комисија за меѓународни евхаристиски конгреси, кој почина на 8 август. Пораката беше упатена до монс. Бернард Бобер, надбискупот на Кошице, во која Папата наведува дека смртта на кардиналот е тага што ја погоди целата црковна заедница и словачкиот народ.
Во телеграмата Светиот Отец потсети дека кардиналот бил со длабока вера и далековидна визија и со смирение и самопожртвуваност служел на Евангелието и Црквата.
„Со благодарност се сеќавам на неговата долгогодишна и плодна работа во Светиот Престол како вреден и разборит соработник на моите претходници. Се сеќавам и на неговиот молитвен дух, кој го наведе во поодмината возраст ревносно да продолжи да ја моли вечерната Бројаница на плоштадот Свети Петар “.
Токму со оваа маријанска молитва кардиналот Томко им подари на ходочасниците и туристите, пишува Папата, убаво и јавно сведоштво за љубовта кон Пресвета Богородица.
Понатаму, благодарноста на Папата оди до Милосрдните сестри на свети Винко Павелски, кои се грижеа за него со големо внимание, истакна Папата
Испраќањето на кардиналот Томко во Ватикан ќе се одржи на 11 август во базиликата Свети Петар во 11 часот. Погребот ќе биде во катедралата Света Елисаветаа во Кошице, неговата родна надбискупија.
По смртта на кардиналот Томко, Кардиналскиот колегиум се состои од 206 кардинали, од кои 116 се помлади од 80 години и имаат право да учествуваат на избор на Папа. Најстариот кардинал сега е Александар до Насименто, надбискуп во мир во Луанда, Ангола, кој на 1 март наполни 97 години.
Ватикан њуз/к.мк