Сочувство на Папата за покојниот префект на Дикастеријата за меѓурелигиски дијалог, кардинал Ајусо Гишо
Префектот на Дикастеријата за меѓурелигиски дијалог кардинал Мигел Анхел Ајусо Гишо почина во Рим во понеделник, 25 ноември 2024 година.
Папата Фрањо упати сочувство за смртта на шпанскиот кардинал Мигел Анхел Ајусо Гишо, префект на Дикастеријата за меѓурелигиски дијалог и го пофали неговото неуморно служење на Црквата.
Во својата телеграма со сочувство, папата Фрањо потсетува на шпанскиот кардинал Мигел Анхел Ајусо Гишо дека „во секое апостолско дело секогаш бил анимиран од желбата да сведочи, со кроткост и мудрост, за Божјата љубов кон човештвото работејќи за братство меѓу народите и религиите“.
Кардиналот Гишо неодамна имал здравствени проблеми поради кои бил хоспитализиран во поликлиниката Гемели. Поради оваа причина, кардиналот Гишо не го придружуваше Папата на неговото патување во Југоисточна Азија и Океанија во септември, каде меѓурелигиската компонента е исклучително важна.
Роден е на 17 јуни 1952 година во Севиља, Шпанија. Пораснал во католичко семејство и бил петти од деветте браќа и сестри. Мешавината на христијанското и исламското наследство во Севиља влијаеше на неговата чувствителност на меѓурелигиското разбирање. Првично студирал право, но набргу по започнувањето на студиите решил да ги напушти овие студиите и во 1973 година се приклучил на Мисионерите на Пресветото Срце Исусово. За свештеник бил ракоположен во 1980 година и специјализирал исламски студии.
Неговото мисионерско патување започнува во Каиро, Египет, служејќи ѝ на латинската заедница и помагајќи им на суданската католичка младина. Тој пат на крајот го одведе во Судан разурнат од војна, а подоцна и до академско раководство како претседател на Папскиот институт за арапски и исламски студии (ПИСАИ).
Поради неговата стручност и искуство, тој стана советник во Папскиот совет за меѓурелигиски дијалог во 2007 година. Со назначувањето на префект во 2019 година, кардиналот Ајусо Гишо стана централна фигура во напорите на Црквата да промовира дијалог со муслиманите, хиндуите, будистите и други верски заедници низ светот.
Ватикан њуз/к.мк