Ноќта на 1 февруари 2022 година е нападнат кампот за раселени лица „Plaine Savo“ во Итурија, Демократска Република Конго. „Грозен и варварски чин“, се зборовите со кои папата Фрањо го опишува нападот во телеграмата со сочувство упатена до претседателот Феликс Цисекеди.
Според извештаите на локалните медиуми, нападот го извршила вооружена група околу 21.30 часот, при што загинале најмалку 53 лица, а 36 се повредени. Меѓу нив имало многу жени и деца.
Во телеграмата потпишана од државниот секретар кардинал Пиетро Паролин, папата Фрањо ги ветува своите молитви за жртвите и неговата близина со нивните семејства.
Светиот Отец уште еднаш најостро го осудува овој грозоморен и варварски чин кој е извор на големи страдања и пустоши за земјата, се вели во пораката. Папата Фрањо ја упатува својата молитва до Бога да ги прими во свој мир и светлина починатите и да им даде утеха на оние кои жалат за нивната загуба. Се моли за божествени дарови на исцелување и утеха за ранетите и побара од Господ „храброст и сила“ за оние што се грижат за нив.
Ватикан њуз/к.мк