„Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!“ (Матеј 5,7)
Во Евангелието според Матеј, Проповедта на гората се случува по почетокот на јавниот живот на Исус. Гората се гледа како симбол на новата гора Синај на која Христос, новиот Мојсеј, го открива својот „закон“. Претходното поглавје зборува за големи толпи кои почнале да го следат Исус и на кои Тој им ги упатил своите учења. Наместо тоа, овој говор Исус го дава на учениците, на заедницата во зародиш, на оние кои подоцна ќе се нарекуваат христијани. Тој го воведува „царството небесно“ кое е централното јадро на Исусовото проповедање1 од кое блаженствата го претставуваат програмскиот манифест, пораката за спасение, „синтезата на сета Добра вест која е откровение на Божјата спасителска љубов“2
„Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!“ (Матеј 5,7)
Што е милосрдие? Кои се милосрдни? Фразата е воведена од зборот „блажен/ни“ 3, што значи радосен, среќен, а воедно го добива и значењето на благословен од Бога. Во текстот, меѓу деветте блаженства, ова е на централно место. Тие не претставуваат однесувања коишто треба да бидат наградени, туку се вистинска можност да станеме малку слични на Бога. Поточно, милостиви се оние кои имаат срца исполнети со љубов кон Него и кон своите браќа, конкретна љубов, кои се приклонуваат кон најмалите, заборавените, сиромашните, кон оние на кои им е потребна оваа несебична љубов: Милосрдието е всушност една од Божјите карактеристики4; Самиот Исус е милосрдие.
„Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!“ (Матеј 5,7)
Блаженствата ги преобразуваат и ги усовршуваат најчестите принципи на нашето размислување. Тие не се само утешни зборови, туку имаат моќ да го променат срцето, имаат моќ да создадат ново човештво, го прават ефективно објавувањето на Словото. Неопходно е да се живее блаженството на милосрдието и со самиот себе, признавајќи ја потребата од таа извонредна, преобилна и неизмерна љубов што Бог ја има за секој од нас.
Зборот милосрдие5 доаѓа од хебрејскиот rehem, „утроба“ и предизвикува божествена милост без граници, како сочувство на мајката кон своето дете. Тоа е „љубов што не се мери, обилна, универзална, конкретна. Љубов која има тенденција да побуди взаемност, т.е крајната цел на милосрдието. […]
И тогаш, ако сме примиле некаква навреда, каква било неправда, простуваме и ќе ни биде простено. Ние сме први што користиме милост, сочувство! Дури и да изгледа тешко и смело, да се запрашаме, пред секој ближен: како би се однесувала неговата мајка со него? Тоа е мисла која ни помага да разбереме и да живееме според Божјото срце6.
„Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!“ (Матеј 5,7)
„По две години брак, нашата ќерка и нејзиниот сопруг решија да се разделат. Ја дочекавме назад во нашиот дом и во моменти на напнатост се трудевме да ја сакаме со трпение, со простување и разбирање во нашите срца, одржувајќи отворен однос кон неа и нејзиниот сопруг, особено трудејќи се да нема осудувања. По три месеци слушање, дискретна помош и многу молитви, тие се повторно заедно со нова свест, доверба и надеж“7.
Да се биде милосрден, всушност, е повеќе од простување. Тоа е да се има големо срце, со нетрпение да се избрише сè, целосно да се запали сето она што може да го попречи нашиот однос со другите. Исусовата покана да бидеме милосрдни е да се понуди начин како да се доближиме до првичниот план, за да можеме да станеме она за што сме создадени: да бидеме според Божјиот образ и подобие.
Летиција Магри