Слово на животот, мај 2025

Слово на животот, мај 2025

 „Господи, Ти сѐ знаеш; Ти знаеш дека Те љубам.“  (Иван 21,17)

Последното поглавје од Евангелието според Иван нè води во Галилеја, на Тиверијадското Езеро. По смртта на Исус, Петар, Иван и другите ученици се вратија на рибарскиот занает. Но, таа ноќ за жал ништо не уловија.

Воскреснатиот Исус тогаш им се објави по третпат, поттикнувајќи ги учениците повторно да ги фрлат мрежите. Овојпат уловија многу риби. Потоа Исус ги повика на брегот, каде што им приготви појадок. Петар и останатите ученици Го препознаа, но не се осмелија да зборуваат со него.

Исус ја презеде иницијативата и му постави на Петар едно длабоко и лично прашање: „Симоне, сине Иванов, ме љубиш ли повеќе од овие?“ Тоа беше свечен момент: трипати Исус го повика[1]на Петар да се грижи за Неговите овци – народот Божји — зашто Тој е вистинскиот Пастир.[2].

„Господи, Ти сѐ знаеш; Ти знаеш дека Те љубам.“

Но Петар знаеше дека Го има издадено, и тоа трагично искуство не му дозволуваше да одговори позитивно на прашањето на Исус. Понизно рече: „Ти знаеш дека Те сакам“.
Во разговорот со него, Исус не му ја префрли издајата, ниту пак инсистираше на истакнување на неговата грешка. Му се доближи земајќи ги предвид неговите можности, го поведе кон неговата болна рана за да ја излечи со Своето пријателство. Од него побара само да го обноват односот на взаемна доверба.

Одговорот на Петар е чин на свесност за сопствената слабост и, истовремено, на безгранична доверба во љубовта на неговиот Учител и Господ:

„Господи, Ти сѐ знаеш; Ти знаеш дека Те љубам.“

И на секој од нас Исус ни го поставува истото прашање: „Дали Ме љубиш? Дали сакаш да ми бидеш пријател?“

Тој сè знае: знае какви дарови ни дал, ги знае нашите слабости и рани што понекогаш крварат. Сепак, Тој го обновува Своето доверие — не во нашата сила, туку во нашето пријателство со Него. Во тоа пријателство Петар ја наоѓа храброста да ја посведочи својата љубов кон Исус, сè до дарувањето на својот живот.

Сите ние минуваме низ моменти на слабост, разочараност и обесхрабрување: […] низ неволји, болни ситуации, болести, смрт, внатрешни искушенија, недоразбирања, искушенија, неуспеси […] Токму тој што се чувствува неспособен да ги надмине искушенијата што ги погодуваат телото и душата, па затоа не се потпира на сопствената сила, е доведен во ситуација да се надева на Бога. Привлечен од таа доверба, Бог интервенира. Таму каде што Тој делува, создава големи дела, кои изгледаат уште поголеми затоа што произлегуваат од нашата маленкост.”
Во секојдневниот живот можеме да Му се покажеме на Бога такви какви што сме и да молиме за Неговото пријателство кое исцелува. Во тоа доверливо предавање на Неговото милосрдие, ќе можеме повторно да ја воспоставиме интимноста со Господа и да го продолжиме нашиот пат со Него.

„Господи, Ти сѐ знаеш; Ти знаеш дека Те љубам.“

Ова Слово на животот може да биде и наша лична молитва, поттик да со нашите слаби сили се обраќаме кон Бога и да Му благодариме за знаците на Неговата љубов:
„[…] Те сакам затоа што влезе во мојот живот повеќе од воздухот во моите бели дробови, повеќе од крвта во моите вени. Влезе таму каде никој не можеше да влезе, кога никој не можеше да ми помогне, секогаш кога никој не можеше да ме утеши. […] Во времето што ми преостанува, дај ми да Ти бидам барем малку благодарна за љубовта што ја излеа врз мене и ме принуди да Ти кажам: Те сакам. [3]

Во нашите односи во семејството, општеството и Црквата можеме да го вежбаме Исусовиот стил: да ги љубиме сите, да љубиме први, да им ги „миеме нозете“ [4] на своите браќа, особено на најмалите и најранливите. Ќе научиме да го прифаќаме секој со понизност и трпеливост, без осудување, со отвореност за прошка и прифаќање на прошка, за заедно да разбереме како да чекориме низ животот рамо до рамо.Подготвено од

Летиција Магри и тимот на Слово на животот.

[1] Спореди Mт 16,19-19.

[2] Иван 10,14.

[3] Gratitudine, in C. Lubich, La dottrina spirituale, Mondadori 2001, p. 176.

[4] Спореди Јов 13,14.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот