„Го веруваш ли тоа?” (Иван 11,26 )
Да дознаеме кога, зошто и како да ја живееме!
Исус пристигна во Витанија каде што Лазар веќе четири дена е во гроб. Кога неговата сестра Марта слушна дека доаѓа Исус, полна со надеж излезе пред Него. Во Евангелието се истакнува дека Исус многу ги сакаше неа, нејзината сестра Марија, и Лазар[1]. Иако во болка, Марта му искажува доверба на Господа, убедена дека доколку тој бил присутен пред смртта на нејзиниот брат, тој сè уште би бил жив, но дека дури и сега секоја негова молба упатена до Бога ќе биде услишена. „Твојот брат ќе воскресне.” (Јован 11,23), ѝ рече тогаш Исус.
„Го веруваш ли тоа?”
Откако појасни дека ова се однесува на Лазаровото враќање во физичкиот живот овде и сега, а не само на оној што го чека верникот по смртта, Исус побара од Марта да верува, не само за да направи едно од неговите чуда – кои евангелистот Јован ги нарекува „знаци“ – туку за да ѝ подари, како и на сите верници, нов живот и воскресение. „Јас сум воскресението и животот“ (Иван 11,25), вели Исус. Верата која ја бара од неа е личен однос со него, активна и динамична приврзаност. Верувањето не значи прифаќање на договор кој еднаш го потпишуваме и потоа никогаш повеќе не го погледнуваме, туку тоа е нешто кое го преобразува и го проникнува секојдневниот живот.
„Го веруваш ли тоа?”
Исус нè повикува да живееме нов живот овде и сега. Тој нè повикува да го доживееме секој ден, знаејќи дека, тој самиот ни го донесе, барајќи нè прв и доаѓајќи помеѓу нас, како што повторно откриваме на Божиќ. Како да одговориме на неговото барање? Да ја погледнеме Марта, сестрата на Лазар. Во разговорот со Исус, таа ја исповедува целосната вера во него. Во Грчкиот оригинал тоа е уште посилно изразено.
„Поверував“ кое таа го изговори значи „верувам“, „цврсто верувам“ дека „Ти си Христос, Синот Божји, што треба да дојде во светов“[2], со сите последици. Тоа е уверување кое созреало со текот на времето, докажано во различни животни околности. Господ го упатува своето прашање и до мене. И од мене бара великодушна доверба во него и да се придржувам до неговиот животен стил, заснован на великодушна и конкретна љубов кон сите. Истрајноста ќе ја созрее мојата вера, која ќе се зајакнува со тоа што од ден на ден ќе ја гледам вистинитоста на Исусовите зборови спроведени во пракса и тој ќе се изразува низ моите секојдневни постапки кон сите. Во меѓувреме, можеме да ја изговараме молитвата на апостолите до Исус: „Засили ја во нас верата!“ (Лк 17:5).
„Го веруваш ли тоа?”
„Една од моите ќерки ја загуби работата заедно со сите нејзини колеги, бидејќи владата ја затворила јавната агенција каде што работеа“, вели Патриција од Јужна Америка. „Во знак на протест, тие поставија шатор пред седиштето. Настојував да ги поддржам учествувајќи во некои од нивните активности, носејќи им храна или едноставно разговарајќи со нив. На Велики четврток, група свештеници кои ги придружуваа одлучија да слават обред на кој беше понуден и простор за слушање, беше прочитано Евангелие и беше извршен обредот на миење на нозете, во спомен на она што го направи Исус. Мнозинството присутни не беа верници. Сепак, тоа беше момент на длабоко заедништво, братство и надеж. Тие се чувствуваа прифатени и емотивно им се заблагодарија на свештениците кои ги придружуваа низ неизвесноста и страдањето.“
Оваа реченица на Исус „Го веруваш ли тоа?” е избрана како водилка за Молитвената осмина за единство на христијаните во 2025 година. Затоа да се молиме и да работиме така што нашето заедничко верување ќе биде моторот во потрагата за братство со сите: тоа е Божји предлог и желба за човештвото, но бара наша согласност. Молитвата и делувањето ќе бидат ефективни ако произлегуваат од оваа доверба во Бога и од нашето постапување соодветно на тоа.
Подготвија Силвано Малини и тимот на Слово за живот
[1] Иван 11, 5.
[2] Спореди Иван 11, 27.