„Запази го добриот залог преку Светиот Дух, Кој живее во нас!“ (2 Тим 1,14)
Апостол Павле му пишува на Тимотеј, „возљубеното чедо“[1], со кое ја делел својата евангелизациска активност и кому му ја доверил заедницата во Ефес.
Чувствувајќи дека смртта му се ближи, Павле го охрабрува во тешката задача на водство. Тимотеј го примил „убавиот дар“, т.е. содржината на христијанската вера, онака како што му ја пренеле апостолите, и на него била одговорноста верно да ја пренесе верата на генерациите што доаѓаат.
За Павле тоа значи да се заштити и да се поттикне примениот дар, подготвен и својот живот да се даде за ширење на радосната вест на Евангелието.
„Запази го добриот залог преку Светиот Дух, Кој живее во нас!“
Павле и Tимотеј го примиле Светиот Дух како светлина и гаранција за нивната незаменлива задача на пастири и евангелизатори. Преку нивното и сведоштвото на нивните наследници навестувањето на Евангелието стигнало и до нас.
Исто така, секој христијанин има послание во својата општествена и верска заедница: да создаде обединето семејство, да ги воспитува младите, да се ангажира во политиката и на работното место, да се грижи за немоќните, да ја просветли културата и уметноста со мудроста од живееното Евангелие, да го посвети животот на Бога за служење на браќата.
Според зборовите на папата Фрањо упатени до младите „секој маж и секоја жена е една мисија“[2]. Месецот октомври 2019 година Католичката црква го порогласи за вонреден мисиски месец. Тоа и нам може да ни биде прилика свесно да го обновиме заложувањето во сведочењето на нашата вера, со отворени срца и раширени за евангелската љубов која го поттикнува прифаќањето, средбата и дијалогот. [3]
„Запази го добриот залог преку Светиот Дух, Кој живее во нас.“
Секој христијанин е храм на Светиот Дух. Тој му овозможува да го открие и сочува „убавиот дар“ кој му е доверен, за да може да се развие и да се стави во служба на сите луѓе. Првите од тие „подароци“ е верата во Исуса Христа. Ние христијаните треба да ја разбудиме и да ја храниме со молитва, за подоцна да можеме да ја споделиме низ сведоштвото на љубовта.
Неодамна ракоположениот свештеник Ј.Ј. раскажува: „Доверена ми е грижата за верниците од многубројната католичка црква во една бразилска метропола. Општественото опкружување е многу тешко и луѓето кои ги среќавам често немаат јасен верски идентитет. Затоа доаѓаат на света Миса, како и на други древни традиционални обреди. Знам дека сум одговорен за пренесување на христијанската вера во верноста на Евангелието, но сакам исто така сите да се чувствуваат добредојдено во парохијата. За да ги почитувам културните корени на тие луѓе, помислив дека славењето на светата Миса може да биде посвечено ако се оживее со музички инструменти типични за нивната култура. Тоа е голем предизвик, но сите нѐ прави среќни, затоа што наместо нашата заеднница да се подели, ја обединивме во она што ни е заедничко, а тоа е верата во Бога кој ни дарува радост.“
„Запази го добриот залог преку Светиот Дух, Кој живее во нас.“
Уште едно непроценливо богатство примивме од Исус, а тоа е Неговото слово, кое е слово Божјо.
Тој дар „[…] вклучува голема одговорност од наша страна […] Бог ни го дарува своето слово за да го направиме плодно. Тој сака да ја види длабоката преобразба, која е способна да направи, остварена во нашиот живот и во нашето делување во светот. […] Како тогаш ќе го живееме Словото за живот овој месец? Љубејќи го Божјото слово, настојувајќи да го спознаеме подобро, а пред сѐ спроведувајќи го великодушно во пракса, така што тоа навистина ќе стане основна храна на нашиот духовен живот, наш внатрешен учител, водилка на нашата совест, црвст ориентир во нашите избори и во нашите постапки. […] Во совеста на луѓето има толку збунетост и збрка, се тежнее кон релативизирање и замаглување. Живејќи го Божјото слово, не само што можеме да се спротивставиме на таа сериозна опасност, туку како што вели Исус (сп. Мт 5, 15-16), ќе станеме како запалени светилки кои со својата светлина ќе им помогнат на другите да се ориентираат и да се вратат на вистинскиот пат.“ [4]
Летиција Магри
Ватикан њуз/к.мк
[1] 1Тим 1,2;
[2] Сп. Папа Франциск, Порака за светскиот мисиски ден 2018
[3] Повеќе информации на www.october2019.va;
[4] К. Лубик, Слово за живот октомври 1991., Нов свет бр. 10/1991.