Слово за живот, септември 2015
„Возљуби го својот ближен како себе си“
Ова е една од оние реченици во Евангелието која од нас бара да ја живееме веднаш, без одлагање. Таа е толку е јасна. Таа е непобитна – и многу бара – па не е потребен голем коментар. Но, за да разбереме колкава е силата која ја содржи, мораме да ја сместиме во нејзиниот контекст.
Исус му дава одговор на еден од книжниците, кој го прашува за најголемата од сите заповеди. Тоа било отворено прашање, пред сè затоа што во Светото Писмо постоеле 613 правила и тие требало да се почитуваат.
Рабинот Шамај, еден од големите учители во времето непосредно пред Христос, одбил да одговори на прашањето за тоа која е најголемата заповед. Некои веќе почнале да сметаат дека љубовта зазема средишно место, а тоа подоцна ќе го потврди и Исус. Рабинот Хилел, на пример вака се изразил: „Не му го прави на својот ближен она што ти не го сакаш; во тоа е сиот закон. Останатото е само толкување.“
Исус не само што го презел учењето за средишната важност на љубовта, туку во една заповед ја поврзува љубовта кон Бога со љубовта кон ближниот. На прашањето на еден од книжниците тој одговара: „Чуј, Израиле! Господ, Бог наш, е еден Господ. Затоа возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила!« Тоа е првата заповед. Втората е: „Возљуби го својот ближен како себе си. Друга заповед, поголема од овие, нема.“
„Возљуби го својот ближен како себе си“
Вториот дел од оваа единствена заповед го одразува првиот дел, љубовта кон Бога. На Бога толку многу му е значајно секое негово создание, што ние најмногу ќе го израдуваме и ќе му покажеме делотворна љубов ако бидеме израз на неговата љубов што тој ја има кон сите. Како што родителите се задоволни кога ги гледаат нивните деца дека се согласуваат, си помагаат и дека меѓусебно се поврзани, така и Бог – кој ни е како татко и мајка – задоволен е кога гледа како ги љубиме ближните како самите себе, придонесувајќи на тој начин кон единството на човечкото семејство.
Со векови пророците му толкувале на израелскиот народ дека Бог сака љубов, а не паленици и жртви. Самиот Исус се повикува на нивното учење кога вели: „одете и научете што значи милост сакам, а не жртва.“Како можеме да го љубиме Бога кого не го гледаме, ако не го љубиме братот кого го гледаме? Го љубиме, му служиме, му изразуваме почит, онолку колку што љубиме, и служиме, и изразуваме почит на секоја личност, блиска или непозната, од нашиот или од некој друг народ, а пред се „малите“ и оние кои се наоѓаат во потреба.
Ова е повик упатен до христијаните од сите времиња, повик богопочитувањето да го претворат во живот, да излезат од црквите, каде што се поклонувале, го љубеле и го славеле Бога и да тргнат во пресрет на другите, остварувајќи го она што го разбрале во молитвата и во заедништвото со Бога.
„Возљуби го својот ближен како себе си“
Како да се живее оваа Господова заповед?
Да се присетиме пред сè дека таа е дел од неразделниот диптих, кој ја опфаќа Божјата љубов.
Потребно е време за да осознаеме што е љубов и како да се љуби, заради тоа треба да и се даде простор на молитвата, размислувањето и разговорот со Него. Тоа го учиме од Бога кој е Љубов. Не му го крадеме времето на ближниот кога сме со Бога, туку на тој начин учиме што повеликодушно и посоодветно да го љубиме секого. Истовремено, кога му се враќаме на Бога, откако сме ги љубеле другите, нашата молитва станува поискрена, повистинска, обогатена со сите личности кои сме ги сретнале и кои ги принесуваме пред Него.
За да стигнеме до тоа да го љубиме ближниот како самиот себе, потребно е да го познаваме како самиот себе. Би морале да стигнеме до таму да го љубиме онака како што тој сака да биде љубен, а не како што ние би сакале да љубиме.
Денес кога нашите општества стануваат мултикултурни со луѓе кои доаѓаат од многу различни светови, тој предизвик станува уште поголем. Оној кој патува во некоја нова земја мора да ја запознае нејзината традиција и вредности: само на тој начин ќе може да ги разбере и да ги љуби нејзините жители. Истото важи и за оние кои ги прифаќаат новите доселеници, често изгубени, соочени со поинаков јазик и со проблеми на вклопување во новата средина.
Различности постојат и помеѓу припадниците на иста култура: во семејството, во работните средини или во соседството. Зарем не би биле среќни кога некој за нас би одвојувал од своето време, би не слушал, би ни помагал да ги подготвуваме испитите, да најдеме работно место, да ја средиме куќата? Можеби и некоја друга личност има слични желби. Мораме да знаеме да ги разоткриеме, со внимание, со искрено слушање и ставање во нејзина кожа.
Важен е и квалитетот на љубовта. Во познатата химна на љубовта апостол Павле ги набројува карактеристиките на кои е пожелно да потсетиме: љубовта е великодушна, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не е горделива, не е непристојна, не бара свое, не се срди, не памти зло, не се радува на неправда, туку се радува на вистина, сè покрива, на сè се надева, сè поднесува.
Колку ли поводи и колку ли нијанси во живеењето на оваа реченица:
„Возљуби го својот ближен како себе си“
На крај можеме да потсетиме дека ова правило на човековиот живот се наоѓа во темелот на познатото „златно правило“ кое го наоѓаме во сите религии и кај големите учители на „лаичката култура“. На изворите на сопственото културно наследство или верување би можеле да побараме слични повици на љубов кон ближниот и да си помогнеме едни на други да живееме заедно: хиндуисти и муслимани, будисти и припадници на традиционалните религии, христијани и луѓе со добра волја.
Мораме заедно да работиме на создавање на новиот менталитет кој ќе му дава вредност на ближниот, ќе влева почитување кон личноста, ќе ги штити малцинствата, ќе биде внимателен кон слабите, кој ќе оттргнува од личните интереси и на прво место ќе ги поставува интересите на ближниот.
Кога сите навистина би биле свесни дека мораме да го љубиме ближниот како самиот себе, сè до степен до кој на другиот не му го правиме она што не би сакале другиот да ни го прави на нас и на другиот да му го правиме она што би сакале другиот да ни го прави на нас, војните би престанале, а би ја снемало и корупцијата. Сеопштото братство веќе не би било утопија, а цивилизацијата на љубовта наскоро би станала стварност.
Фабио Чиjарди
к.мк