Слово за животот, август 2015
„И живејте во љубов“ (Ефес 5,2)
Во оваа реченица е содржана целата христијанска етика. Ако човечкото дејствување тежнее да биде такво какво што Бог го замислил создавајќи нè нас, т. е. изворно човечко, тогаш мора да биде придвижувано од љубов. За да ја постигне својата цел, чекорењето – кое е метафора на животот – мора да биде водено од љубов, резиме на сите закони.
Апостол Павле со ова охрабрување им се обраќа на христијаните во Ефес на крајот од писмото во кое ги објаснува принципите на христијанскиот живот: премин од стар кон нов човек, меѓусебна искреност, да нема крадење, да има простување, правење добро… со еден збор “живеење во љубов“.
Добро е да се прочита целата реченица од која е земено оваа јасна поука која ќе нè следи во текот на целиот месец: „и живејте во љубов, како што и Христос нè засака и Себеси за нас се предаде како принос и жртва на Бога за пријатен мирис.“
Павле е убеден дека примерот на нашето однесување мора да биде Божјото однесување. Ако љубовта е знак за распознавање на Бога, тој знак мора да се однесува и да важи и за неговите деца: во тоа тие мораат да наликуваат на Него. Но како може да се спознае Божјата љубов? На Павле тоа му е сосема јасно: таа се објавува во Исус, кој ни покажува како и колку Бог љуби. Апостолот тоа го доживеал лично: Кој ме засака и Себеси се предаде за мене. (Гал 2,20), а сега тоа им го открива на сите за да биде искуство на целата заедница.
„И живејте во љубов“
Која е мерката на Исусовата љубов според која треба да ја обликуваме нашата љубов? Знаеме дека таа нема граници, не бира личности, ниту познава исклучоци. Исус умре за сите, па и за своите непријатели, за оние кои го распнаа. Токму како и Отецот кој во својата сеопшта љубов го дава сонцето да осветлува и дождот да врне за сите, за добрите и за злите, за грешниците и за праведните. Исус пред сè се грижел за малите и сиромашните, за болните и отфрлените. Силно ги сакал своите пријатели; а особено бил близок со учениците. Не ја штедел љубовта, одејќи до крајната граница – дарување на животот. Сега ги повикува сите луѓе да ја поделат неговата љубов, да љубат како што тој љубел. Можеби нè плаши овој повик затоа што премногу бара. Како можеме да го следиме Бога кој ги љуби сите и тоа секогаш први. Како да се љуби со Исусовата мерка на љубовта? Како да се биде „во љубов“ што од нас го бара словото на животот?
Тоа е возможно само ако и сами сме доживеале дека сме љубени. Во реченицата „и живејте во љубов како што и Христос ве љубел вас “, изразот како што може да биде преведен и со затоа што .
„И живејте во љубов“
Чекорете, тука значи делувајте, однесувајте се. Би можеле да кажеме дека секоја наша акција мора да биде вдахновена и поттикната од љубов. Можеби Павле не го користи случајно овој динамичен збор за да нè потсети дека љубовта се учи, дека треба да се помине одреден пат за да можеме да ја достигнеме широчината на Божјото срце. Тој користи и други слики за да ни покаже на потребата од постојано напредување, како што е растењето на детето до возрасна доба (сп. 1 Кор 3, 1-2) растењето на растенијата, изградбата на куќата, натпреварот на теренот за освојување на награда (сп. 1 Кор 9,24). Никогаш не треба да мислиме дека сме стигнале. Потребно е време и истрајност да дојдеме до целта. Не смееме да се откажеме пред тешкотиите ниту да допуштиме да не обесхрабрат неуспесите и грешките. Секогаш мораме да бидеме подготвени да започнуваме одново, и да не и се препуштаме на просечноста.
Мислејќи веројатно на својот тегобен пат, свети Августин запишал: „Немој да се задоволиш со она што си, ако сакаш да стигнеш до она што сè уште не си.“ Затоа што кога се чувствуваш добро, застануваш и си велиш: „Доволно е“. И така пропаѓаш. Секогаш продолжувај секогаш, оди постојано, напредувај истрајно: не застанувај на патот, не застранувај. Кој не напредува, останува назад. [1]
„И живејте во љубов“
Како побрзо да се напредува на патот на љубовта? Бидејќи повикот „живејте“ и е упатен на целата заедница, ќе биде корисно кога ќе си помагаме едни на други.
Тажно е и тешко сам да тргнеш на пат.
Би можеле да почнеме да бараме прилика во која едни на други одново ќе си изразиме желба за заедничко живеење – пријатели, домашни, членови на истата христијанска заедница… Би можеле да споделиме позитивни искуства за тоа како сме љубеле, и така да учиме едни од други. На оние кои можат да не разберат можеме да им ги довериме направените грешки и застранувања од патот на начин кој ќе ни помогне взаемно да се поправаме.
Заедничката молитва може, исто така, да ни даде светлина и сила за да чекориме напред.
Обединети меѓусебно и со Исус меѓу нас – кој е Пат, ќе стигнеме до крајот на нашето „свето патување“. Ќе сееме околу себе љубов и ќе ја достигнеме целта: љубов.
Фабио Чијарди
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
[1] Сермо 169, 18:Пл 38,926.