Од Светото Евангелие според Лука (13, 1-9)
1.Во тоа време дојдоа некои и Му кажаа за Галилејците, чија крв Пилат ја смешал со нивните жртви. 2. Исус им одговори и рече: „Мислите ли дека тие Галилејци беа најгрешни од сите Галилејци, та така пострадаа? 3. Не, ви велам: ако не се покаете, сите така ќе изгинете. 4. Или мислите дека оние осумнаесет души, врз кои падна Силоамската кула и ги уби, беа најгрешни од сите жители на Ерусалим? 5. Не, ви велам: но ако не се покаете, сите така ќе изгинете.” 6. И ја кажа оваа парабола: „Некој човек имаше во своето лозје посадено една смоква, па дојде да бара од неа плод, и не најде. 7. Тогаш му рече лозарот: »Ете, три години доаѓам и барам плод на оваа смоква, и не наоѓам; пресечи ја; зошто само да ја испостува земјата?« 8. А тој му одговори и рече: »Господаре, остави ја и оваа година, дури да ја опкопам и ѝ ставам ѓубре; 9. па, ако роди, добро; ако ли не, тогаш в година ќе ја пресечеш«.”
Денешниот евангелски дел ни ги става пред очи сите неволји на човечкиот живот кои премногу често преминуваат во трагичност. А како на нас луѓето да ни е сокриена смислата на трагедијата која нѐ следи или се случува околу нас, сите заедно малку нѐ збунува. На истиот начин биле збунети и изненадени Евреите кои биле присутни на еден таков немил и крвав настан во Ерусалим. Имено, римските војници по налог на Пилат брутално убиле некои Галилејци кои биле дојдени во Ерусалим за да му принесат жртва на Бог во храмот. Веројатно нема човек кој не би се запрашал зошто таква несреќа им се случила на луѓе кои биле дојдени за да го обожаваат Бог со приносот на својата жртва. Вака поставено вознемирувачко прашање не може да остане како приговор на Бог, затоа што ниту еден побожен Евреин не се двоумел околу Божјата добрина и грижата за својот народ. Но, ако Бог не бил причината за таа трагедија, тогаш нејзината причина мора да биде во човекот, па и кога за другите не е видлива и очигледна. Врежаното мислење и ставот на сите присутни бил дека настраданите несреќници се грешници кои Бог ги казнил поради некој направен сокриен грев, и затоа Господ Исус почувствувал дека треба да им разјасни и да им укаже на нешто многу поважно. Со зборовите кои ќе ги каже ќе ги побие двете мислења и ќе посведочи дека причината за сите неволји кои ги следат поединците и општеството се човечката духовна неплодност, односно гревот како вистинското име за неплодноста. Навистина Исус им го свртува вниманието дека секој од нив треба да обрати внимание на сопственото срце и на заедништвото со Бог, наместо настраданите да ги сметат за несреќни и повеќе грешни од себе.
Истото Господово учење важи и денес кога за многу несреќи и трагедии опкружуваме сѐ околу себе, а не сме во состојба да откриеме колку Бог е трпелив кон нас, и колку ние сме го злоупотребиле неговото трпение. Каде ќе ни биде крајот и како поединци, семејства и општество, кога постојано ќе ги даваме плодовите кои Бог во нас ги поттикнува, кога ќе се поправаме и ќе бидеме поквалитетни луѓе? Кога нема да се гушиме во нашата просечност, во отфрлањето на милосрдните иницијативи, во прифаќањето на гревот и безбожништвото, во занемарувањето на Божјото Слово и грижата околу нас. Кога Божјото слово ќе нѐ допире, а ние ќе го спроведуваме во животот одлучно и подготвено, околу нас светот би цветал. Вака е изложен на разикот од пустош и пропаст. И што е најлошо, сите на тоа сме навикнале, дека така да треба да биде. Главно не гледаме ништо спорно во нашето однесување, но дека работите не одат на добро гледаме кога ги набљудуваме другите, и воочуваме дека нивниот живот не е добар и не одговара на Божјите барања. Така и самите сме како неплодната смоква, и нè залажува сопствениот изглед до таа мерка што од лисјата не гледаме дека нема плодови. Колку сме залажени од изгледот се покажува од тоа што нас нè не загрижува сопствената внатрешност, туку она туѓата, и во тоа што не ја гледаме Божјата грижлива и трпелива работа околу нас, туку само несфатливите моменти на казна.
Секогаш имаме подобро око за да воочиме и повеќе слух за да ја критикуваме туѓата неплодност, додека нашата останува сокриена под бујните лисја на привидот. Затоа оние околу нас ги сметаме за помалку плодни и наместо внимателно да се набљудуваме себе, целото внимание го фокусираме на другите. Наместо самите за себе да бараме повеќе и подобро пред Бог станувајќи поплодни со духовни плодови, ние од својата површност ги критикуваме другите затоа што според нашите критериуми се повеќе грешни од нас. Наместо да ја оправдуваме својата одалеченост од Бог, би било подобро да станеме свесни и со преобраќање да ја прекинеме. Ако сами успееме да дојдеме до Бог, односно да дозволиме Тој да ни го сврти вниманието за потребата од преобраќање, тогаш ќе бидеме во состојба да ја видиме неговата трпеливост кон нас и нашата неплодност. Тоа би требало да биде вистинското гориво за нас, и во тој момент ќе можеме да им помогнеме и на другите да се преобратат, да не пропаднат и да дојдат до вистинската животна плодност.
Кога искрено ќе застанеме пред Бог, ќе спознаеме колку е голем и добар, и колку ние самите сме имале духовни пропусти, колку самите себеси сме си го отежнувале растот и сме ја оневозможувале плодноста, додека Тој се мачел околу нас и ни испраќај стимул од својот Дух, па дури и својот Син. А ние и денес во добра мера сме слепи како и Господовите соговорници во евангелскиот дел, и не гледаме дека како христијани сме повикани најпрво на духовна плодност пред Господ, со што директно се грижиме за својата вечна благосостојба и за благосостојбата на своите најближни и најдраги кои Господ ни ги доверил. А ако сме слепи и не гледаме колку Бог е трпелив и што во секој момент од животот ни порачува, тогаш не гледаме ниту во себе, ниту во своите гревови. Не ја гледаме тогаш ниту потребата за свое преобраќање, туку за сè што ќе се случи ја бараме вината околу себе во другите. Дури денес сме малку дрски отколку тогашни побожни Евреи кои не се осудувале да го обвинат Бог. Денес пак премногу често, па и за работи кои се дел од редовниот живот како што е болеста и смртта, а да не зборувам и за вонредни трагедии, многу лесно го вперуваме прстот кон Бог. (…)
Немаме право да се сокриваме зад туѓите гревови и несреќи, наместо сè што ни се случува да нè поттикне на поголема ревност, близина и заедништво со трпеливиот и грижлив Бог. Да му дозволиме да се потруди околу нас, и самите да се потрудиме околу себе и да донесеме плодови за преобраќање кои ќе нè водат до спасение и живот вечен.
д-р. Иван Бодрожиќ/вера и дела/к.мк