Следното Генерално собрание на Епископската синода ќе биде посветено на Црквата и синодалноста
За две години ќе се одржи следното редовно Генерално собрание на Епископската синода на тема синодалност. Тоа го најави главниот секретар на синодата, кардиналот Лоренцо Балдисери.
„За синодална Црква – заедништво, учествување и послание“ е темата на XVI редовно собрание на Епископската синода која ја закажа папата Фрањо. Светиот Отец повеќе пати во текот на својот понтификат истакнува дека синодалноста е главниот пат во животот на Црквата. Така по повод 50 годишнината од основањето на Епископската синода, 17 октомври 2015 година рече дека она што Господ од нас го бара во одредена смисла веќе е содржано во зборот „синода“. Да одиме заедно – лаици, пастири, римски бискуп – поим кој е лесно да се изрази со зборови, но не е толку лесно да се стави во пракса – напомена папата Фрањо.
„Токму патот на синодалноста е оној кој Бог го очекува од Црквата во третиот милениум“ (папа Фрањо, 17 октомври 2015)“
Превртена пирамида
Синдалноста – истакна Папата во 2015 година – ни ја дава најсоодветната рамка за толкување за разбирање на самата хиерархиска служба. Ако ги сфатиме зборовите на свети Иван Златоуст, Црквата и синодата се синоними, тогаш ќе разбереме исто така дека во неа никој не може да биде „воздигнат“ над другите. Напротив – објасни Папата, во Црквата е потребно некој да се „снижи“ за долж патот да се стави во служба на браќата.(…)
Синода и синодалност
Поаѓајќи од зборовите на папата Фрањо од говорот одржан по повод 50 годишнината од основањето на Епископската синода, Меѓународната теолошка комисија во 2018 година спроведе истражување за синодалноста во животот и посланието на Црквата. Зборот „синода“ – стои во документот, е многу стар збор во црковната традиција. Составен е од предлогот σύν, кој значи „со“ и именката ὁδός, која значи „пат“, а го означува патот кој Божјиот народ го поминува заедно. Уште од првите векови – се потсетува во документот, со зборот „синода“ се нарекуваат црковните собири, свикани на различни нивоа за во светлината на Словото Божјо да се размислува за доктринарни, литургиски, канонски и пасторални прашања.
Зборот „синодалност“ – е истакнато во истражувањето, означува специфичен „modus vivendi et operandi“ Црква на Божјиот народ кој го покажува и конкретно го остварува своето заедништво во заедничкото одење, во собирањето и во активното учествување на сите свои членови во евангелизациското послание. Поимот „заедништво“ пак ја изразува длабоката суштината на таинството и посланието на црквата кое во евхаристиското славење го има својот извор и врв.
Ватикан њуз/к.мк