Скопскиот бискуп и епископ Струмичко – скопски д-р Киро Стојанов го предводеше свеченото Литургиско славење на празникот Вознесение на Блажена Девица Марија на небото во средата, 15 август 2018. во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје.
Прославата започна со процесија со статуата на Мајка Божја околу катедралата и пеење на маријански песни.
Во својата хомилија бискупот Стојанов рече: „Човекот е единствено суштество кое според својата природа е сложено. Во старите традиции и филозофии на човекот се гледало како спој на две неспоиви реалности, дух и тело. Не ретко овие филозофии ги среќаваме во непомирлив конфликт на духот и телото. Така во религиите на Далечниот Исток како цел на секоја аскеза е способноста на човекот со духот да надвладее над телесните потреби и тоа да ги сведе на минимум за да доминира апсолутно духот. Тој конфликт на духовното и материјалното знае толку далеку да отиде што во историјата на човештвото постојано е присутна тенденцијата на конфликтот помеѓу духот и материјата како добро и зло. Така наречениот дуализам се провлекува низ целата историја на човечките мисли. Да не навлегуваме сега во подрачја што не се тема на оваа размислување, туку да ја прифатиме вистината дека човекот е сложено суштество од духовни неминливи и материјални минливи стварности. Верата ни помага да ја разбереме таа човечка сложеност и конечно да можеме себе да се разбереме. Можеби во тоа најповеќе ни помогна свети апостол Павле кој зборува за човекот како дух, душа и тело. Меѓутоа, чувствуваме една духовна реалност која може да се искаже со зборовите јас сум, и со тоа говориме за една духовна димензија чиј што инструмент не е мозокот, туку нешто нематеријално што секој од нас го чувствува како свое духовно јас. За тоа говори современата антропологија за духовната психа за душата и телото. Тој склад или несклад сите го чувствуваме. Апостол Павле пишува дека и тој го чувствува тој конфликт и како духот да се бори против телото, а телото против духот. Дури моли Бога да го ослободи од тој товар на конфлик помеѓу духовните и телесни потреби“.
„Сакам со вас кратко да размислам за трагичниот миг на нашата сегашна историја, а тоа е проблем со претераниот култ на телото. Опкружени сме со културата која пренагласува телесност, а штети на духовното, додека телото со понижување на духот е обесчестено и станува изобилство на материја со која се манипулира исклучиво во доменот на уживањето. Доказ за тоа се на пример модата на облекување, раширената порнографија, промискуитет – тела со невидени размери на уништување каде зачнато, а непожелно дете се убива, абортус, евтаназија. Всушност претеран култ на телото не води до почитување на телото, туку до целосно понижување на телото. Голотијата понижува, промискуитетот понижува, блудноста понижува, развратот понижува, разбирливо со тоа не се гради култура на живот. И така на тој начин всушност се доаѓа до културата на смртта на која сме сите сведоци. Денес во западниот свет сѐ повеќе се убива отколку што се раѓа и сите слободи и сета почит се само декларации, а човекот стана роба за трговија. Се продава убавината, се продаваат органи, всушност се продава животот. Ете тоа е култот на телото“.
„Пред нас е празнување на едно тело, тело на Марија. Ако сега си го предочиме ликот на Марија тогаш ќе може да размислуваме за нејзината убавина. За најпочитуваната жена, најчесната жена, за најсовршената песна, за хармонија помеѓу духот, душата и телото. Таа песна ја читавме во Евангелието. Вознесението Мариино на небо и нејзината прослава се доказ за тоа. Драги браќа и сестри, сепак исполнети со надеж да ги подигнеме нашите очи кон небото каде нашата небесна Мајка е прославена, каде за нас се застапува пред својот Син и нашиот Спаител Исус Христос и потпомогнати со нејзината милост го усогласиме духот, душата и телото и така спасени влеземе во вечниот живот, а по воскресението со нашето преобразено тело и во Царството на нашиот Небесен Отец.“
На крајот од светата Литургија следеше пеење на литание во чест на Блажена Девица Марија. Во скопската парохија тој ден освен вечерното свечено славење, служени се свети Литургии во 6 часот и во 10:30, а во капелата Свети Јосиф на скопскиот Бит Пазар 14 и 15 август од раните утрински часови традиционално на поклонение доаѓаа Роми кои негуваат голема побожност кон Блажена Девица Марија.
к.мк