Скопје: Прославен патрониот празник Свети Јосиф

Скопје: Прославен патрониот празник Свети Јосиф

Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монсињор Киро Стојанов во вторник 19 март 2024 година, во црквата Свети Јосиф на Бит Пазар во Скопје, по повод патрониот празник на таа црква служеше света Литургија во сослужение со катедралниот парох о. Винко Маслаќ, директорот на Македонски каритас о. д-р Зоран Стоајнов, бискупскиот канцелар о. Марјан Ристов и катедралниот викар о. Томислав Рукавина.

Во својата проповед бискупот Стојанов рече: Свети Јосиф е маж кој според Стариот Завет им припаѓа на патријарсите. Беше мост од Стариот во Новиот Завет. Светото Писмо зборува многу малку за него, сепак, врз основа на Писмото можеме да ја доживееме неговата големина на неговиот живот. Како прво, Јосиф е човек, и слободно можеме да кажеме по силата на верата е близок до Авраам, праотецот на нашата вера. Бог му се открива на Авраам и го поканува на животен пат кој ќе се состои од бескомпромисна послушност кон Бога, не само затоа што му е јасно што бара Бог од него, туку затоа што Бог го бара тоа. Вистинската вера е всушност довербата со која човекот му се предава на Бога. Верата не е збир на верски вистини или познавање на верските вистини, туку таа се потпира на Бога затоа што Бог е Бог. Верата е всушност најсовршениот начин да му се оддаде чест на Бога. Многу пати мислиме дека обожавањето на Бог е наша молитва. Тоа е она што е, но без нашето потпирање на Бога и довербата во Него, нема вистинско обожавање на Бога. Вистинското обожавање е довербата и верата во Бога. Потенцирам, едно е да се верува во Бог, а друго е да се верува на Бог. Второто читање од посланието на апостол Павле до Римјаните го нагласува концептот на доверба и предавање како најважен. Јосиф е човек со силна вера. Ако било кога, денес, тој е одличен знак од кој учиме што значи да се верува, истакна бискуп Стојанов.

Конечно, да ја оставиме нашата душа да ужива во набљудувањето на хармонијата на животот на ова свето семејство од Назарет со сите радости и грижи на едно просечно сиромашно семејство. Јосиф го има Исус како свој помошник во својата работа, затоа, тој работи со Бога, за Бога, и на тој начин ја доживеа радоста да биде со Бога. Исус веројатно е присутен кога Јосиф ги затвора своите уморни очи, па затоа му се поклонуваме и како заштитник на добрата смрт затоа што ги имаше Исус и Марија до неговата посмртна постела, рече бискупот Стојанов

На крајот бискупот постави прашање: Што од сето ова можеме да научиме и запишеме во своите срца? Би потенцирал три работи:

Прво: Силната вера во Бога што ни ја покажа Јосиф.

Второ: Силната доверба во Бога за сите непредвидливи, драматични, па дури и вознемирувачки мигови во животот и

Трето: Вредноста на работата кога Бог е со нас, кога работиме за Бога и со Бога.

Јас би додал, доколку и оваа не ни е доволно или не можеме да го разбереме, како што вели Стариот Завет, тогаш да отидеме кај Јосиф, заклучи бискупот Стоајнов.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот