Скопје: Миса за татковината Република Македонија

На 8 септември 2014 година на празникот Раѓање на Блажена Девица Марија, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов, го предводеше свечено евхаристиско славење за татковината Република Македонија во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје.

Покрај бискупот Стојанов на светата Миса сослужуваа Генералниот викар, монс. Антун Циримотиќ, парохот дон Давор Топиќ, парохискиот викар Јошт Мезег, бискупскиот канцелар, о. Марјан Ристов и парохот во Куманово и водител на заедница „missio ad gentes“ дон Хуан Мануел Кастро. На мисата беше присутна и директорката на Комисијата за верски односи, Валентина Божиновска.

Во својата проповед бискупот Стојанов истакна: „Драги браќа и сестри, вечерва овде нѐ собраа три вредности, кои ја инспирираат целокупата историја на човештвото, а тоа се: слободата, благосостојбата и мирот. Човекот е разумно битие и со разумот го надминува создадениот свет. Но неговата слобода е во постојан предизивк со разумот; како да се употребува разумот со слободата за да се дефинира човекот како разумно слободен, но истовремено и како успешно битие. Всушност основна потешкотија е слободата. Човечката природа е дефинирана како личност која функционира со разумот и слободата, за постигнување лична среќа и полнина“.

Зборувајќи за благосостојбата бискупот рече: „Во човечката природа е всадена желбата за среќа. Сепак среќата исто така е поим кој се толкува различно. Бог на почетокот од создавањето на човекот му ја довери земјата за да биде нејзин господар, да ја потчини под себе, да ја обработува и така да учествува во чинот на создавање. Ова парче земја која се вика Макеоднија ни е доделена на нас, да ја обработуваме, во неа да работиме, да нѐ храни како мајка и да ни овозможи да живееме во благосостојба. И повторно тврдам дека и овој пат не може да биде во центарот ничие – јас, бидејќи тоа раѓа егоизам, наместо заедништво. За нас многу саканата татковина, во центарот мора да биде – ние, народот. Секој поединец во таа заедница е повикан со своите дарови: дух, душа и тело, да го вгради во заедничкото добро. Заедничкото добро е најголемата цел преку кое се остварува благосостојбата.“

Говорејќи за третата точка – мирот, бискупот Стојанов нагласи: „Мирот е посебен дар Божји, каде што не живееме еден покрај друг, туку еден за друг. Нарушените меѓучовечки односи започнуваат најпрво во нечистото човечко срце. Затоа денес прашањето пред Бог е многу важно: Какво е чистината на срцето на Македонците и Македонките? Ако во тоа срце не господари доволно алтруизам и љубов, тогаш срцето околу себе шири мачнина и немир.“

„Потресна е сцената кога Исус плаче над својот град Ерусалим: Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како кокошка што ги собира пилињата свои под крилја, а вие нејќевте. (Матеј 23,37). Нашата Македонија е градена врз темелите на европската култура, поголем дел врз христијанските вредности. Да се запрашаме дали Исус денес би плачел над историјата на Македонија? Оваа средба сака да ги избрише тие солзи и затоа молиме за Македонија, својата татковина“, рече бискупот Стојанов.

На овој ден по повик на бискупот Стојанов во сите Католички цркви во Македонја се служеше света ЛИтургиуја за Татковината.

к.мк/д.Д.Т.

Категорија: Македонија

За авторот