Скопје: Ден на блажена Мајка Тереза – секој 5-ти во месецот
Во катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје, родната парохија на блажена Мајка Тереза на 5 октомври 2015 со свечена Евхаристиска прослава почна побожноста „Ден на блажена Мајка Тереза – секој 5-ти во месецот“.
Евхаристиската прослава ја предводеше скопскиот парох дон Давор Топиќ во концелебрација со директорот на Македонскиот Каритас монс. Антун Циримотиќ и парохискиот викар дон Јошт Мезег.
Во пригодната проповед на тема „Повик во повикот“, парохот потсети на семејството на блажена Мајка Тереза. Родителите на Мајка Тереза имале три деца од кои третото е Гонџа Агнес, подоцна Мајка Тереза, сите родени во Скопје. Тој истакна дека Скопје за блажена Мајка Тереза не е само нејзин роден град, туку и колевка на нејзиниот духовен повик и послание, за чија духовна формација се заслужни и Исусовците.
Говорејќи за нејзиното заминување кај сестрите од Лорето во Даблин и во Индија, тој го спомна духовното искуство кое Мајка Тереза го доживеала на 10 септември 1946 година, на пат од Калкута кон Дарџилинг. Тогаш таа го слушнала гласот на Господ кој и велел: „Дојди и биди моја светлина“. Тоа било повик да го носи Христос меѓу најсиромашните меѓу сиромашните. Подоцна, тоа искуство го опишала како „повик во повикот“. Драгоцено е да се чита во Библијата како Бог ги повикува пророците, затоа што во тој повик е присутен Бог но и човечката вистинитост, во неговото дарување и стравот во прифаќањето и колебањето. Исус од Мајка Тереза барал основање на заедница на Мисионерки на љубовта посветена на најсиромашните.
Таа го слушнала крикот на Господ, крикот на Божјата љубов кон секој човек. Затоа таа ни е пример во отворањето кон Божјата љубов и патоказ на патот за тоа како да бидеме свети. Секој 5-ти во месецот, како парохиска заедница од која изникнала оваа идна светица, на посебен начин сакаме да молиме за нејзино застапништво кај Бога затоа што се сеќаваме на нејзините зборови: „Ако некогаш бидам прогласена за светица, сигурно ќе бидам отсутна од небото за да палам светлина во животите на оние кои се во мрак.“
По завршувањето на светата Миса следеше обожавање на Исус во Пресветата Олтарска Тајна, по што верниците имаа можност да се поклонат пред реликвиите на блажена Мајка Тереза.
На самиот празник Блажена Мајка Тереза на 5-ти септември 2015, скопскиот бискуп и апостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојанов најавувајќи ја оваа побожност истакна дека од оваа година сите парохии од црквата во Македонија за „Денот на блажена Мајка Тереза“ во Скопје, секој 5-ти во месецот ќе имаат поклонение во Скопската катедрала.
к.мк/превод: Е.А.