Скопје: Божиќна духовна обнова

Скопје: Божиќна духовна обнова

Во сабота 21 декември 2024 година во Пасторалниот центар во Скопје се одржа божиќна духовна обнова за Богопосветените лица. На духовната средба учество зеде и Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, а духовно предавање одржа катедралниот парох патер Винко Маслаќ.

По предавањето следуваше Обожавање на Светата Причест со можност за света Исповед.

Светата Литургија ја предводеше бискупот Стојанов во сослужение на патер Винко Маслаќ – катедрален парох, протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов – директор на Македонски Каритас,  протојереј ставрофор отец Марјан Ристов – душогрижник и дон Томаш Бак – парох во Куманово.

Во својата проповед бискупот Стојанов се задржа на литургиските читања и меѓу другото истакна дека Марија во себе го носи Логосот, Словото Божјо, претставувајќи ја како пример за секој верник кој го прифаќа и го прегрнува Исус Христос во своето срце. Потоа додаде дека оној, кој го носи Исус, не се плаши од препреки, Христос е неговиот извор на сила, Христовата љубов го храбри, го тера кон другите, повлекувајќи паралела со зборовите на свети Павле кој нешто слично искажува во Второто послание до Коринтјаните: Зашто љубовта Христова нè принудува.

Во продолжение на проповедта епископот Стојанов истакна дека Богородица ни го покажува патот до Христос. Понатаму, спомнувајќи ја средбата помеѓу Марија и Елисавета, рече дека кога двајца ќе се сретнат како нив, излегуваат од таквата средба нови и преобразени, сосема други и додаде: Така и ние денес од оваа духовна обнова ќе си отидеме духовно обновени и збогатени. После една таква средба меѓу луѓето не постои конкуренција еден на друг, не се натпреваруваат или загрозуваат, туку се надополнуваат – рече епископот Стојанов.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот