Во недела 1 мај 2022 година во Катедралната црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, монс. Киро Стојанов Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх, служеше света Литургија за мир во Украина. Покрај верниците на светата Литургија присуствуваше и украинската амбасадорка во земјава Наталија Задорожњук со нејзиното семејство и конзулот во земјава, како и членови на украинската заедница во Македонија.
Во својата проповед бискупот Стојанов истакна дека добиваме секојдневно информации за војната во Украина, за страдањата на луѓето во оваа земја, за бегалците, за многу ужалени мајки и татковци кои тагуваат за своите убиени деца, за жените и мажите кои тагуваат по нивните сопружници, за децата кои остануваат сираци. (…) Сето ова се случува во Европа, на нашата врата; тоа се случува со народи блиски до нас, по потекло и култура, по вера во Бога, во Пресвета Троица и во Пресвета Богородица. Епископот Стојанов истакна дека сите ние сочувствувавме со оние кои жалат и ги оплакуваат своите жртви заради пролевањето крв и солзи што течат низ украинскта земја, европска земја, при што рече: „Го молиме Бога веднаш да испрати мир и утеха на сите луѓе погодени од војната.“
Претходно, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов на 26 јануари оваа година ги повика верниците во Македонија да молат за мир во Украина, а истото го стори повторно еден месец подоцна, 26 февруари, придружувајќи се на повикот на Папата на молитва и пост за мир во Украина и светот. Во таа прилика во сите католички парохии во Македонија се молеше за таа накана. Исто така во февруари оваа година е објавена и молитва на оваа накана, која повторно ја пренесуваме.
Молитва за мир во Украина
Оче небесен Ти го испрати твојот Син, Кнезот на мирот, за спасение на светот.
Ти се молиме за луѓето во Украина, заштити ги оние кои се изложени на опасности и испрати им помош на сите оние во потреба.
Те молиме за сите оние кои работат за постигнување мир. Нека се урнат ѕидовите на непријателствата и поделбите.
Те молиме за мудрост на политичарите кои имаат одговорност и нека стават крај на насилството и војната.
Дарувај им вечен покој на загинатите и брзо оздравување на повредените, испрати им ангел чувар на прогонетите.
Пресвета Богородица, Царице на мирот, моли се за нас!