Сите ние можеме да станеме оружје на Божјото милосрдие

Сите ние можеме да станеме оружје на Божјото милосрдие

Болните и затворените посетувај ги – е основната мисла во катехезата на Папата. Светиот Отец за време на Генералната аудиенција на плоштадот Свети Петар на 9 ноември 2016 година порача: „Сите ние можеме да станеме оружје на Божјото милосрдие и за нас е тоа подобро отколку за другите.“

Не се потребни некои посебни предуслови – смета Папата – затоа што милосрдието се состои во едноставните гестови: во насмевката, зборовите, стисокот на раката. Сите тие се дела кои луѓето ги прават среќни и им го враќаат загубеното достоинство.“

Папата Фрањо рече дека Исус посетата на затворениците го вбројува меѓу (телесните) дела на милосрдието и нѐ повикува „да не бидеме судии на другите.“ Никој не смее да „вперува прст во другиот“, предупреди Папата кој минатата недела во базиликата Свети Петар служеше света Литургија со околу 1.000 затвореници по повод Јубилејот на затворениците.

Кога некој ќе заврши во затвор – продолжи Папата – тоа е сигурно затоа што направил нешто лошо, затоа што не го почитувал законот. Тој во затворот ја издржува казната. Но, без разлика што направил затвореникот него Бог и понатаму го љуби. Кој може да влезе во внатрешноста на неговото битие, неговата совест, за да разбере што чувствува? Кој може да го сфати неговото страдање и неговото жалење?“ Премногу е лесно да „ги измиеш рацете“ говорејќи: „сторил кривично дело“, рече папата Фрањо.

Христијанинот – смета Папата – е повикан да се зазема за затворениците за да можат тие да го сфатат злото кое го направиле и да се вратат при себе. Светиот Отец потоа истакна дека на човекот тешко му паѓа да биде лишен од слобода, а ако на тоа се додадат и нехуманите услови во кои често се наоѓа затвореникот, тогаш навистина е важно ние христијаните да ја навестуваме пораката на Божјата милосрдна љубов и простување и на тој начин да ја препознае својата вредност и да му се врати достоинството.

Исус во своите три години јавно делување запознал најразлични видови на луѓе. Кога нѐ поттикнува да ги посетуваме болните и затворениците нѐ повикува на гест на голема човечност – имено на споделување. „Посетата може да му помогне на болниот да не се чувствува толку осамен, а малку дружење е добар лек!“ За Папата е знак на „непроценлива“ жртва големиот број на волонтери во болниците кои денес се „вистински катедрали на страдањето.“

Светиот Отец исто така потсети дека самиот Исус иако недолжен трпел во затвор заради нас, а и апостолите Петар и Павле своето затвореништво го искористиле за молитва и навестување на Радосната вест. На крајот од катехезата папата Фрањо ги повика присутните верници „со посетувањето на болните и затворениците да го донесуваат Божјото милосрдие и неговата спасителна моќ на нашите браќа и сестри во потреба.“

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот