Синодата расправаше за денешното послание на семејството
По претставувањето на извештаите од 13 работни групи, на 8. и 9. генерално собрание на Синодата се расправаше за третиот дел од Instrumentum laboris кој е посветен на денешното послание на семејството.
Стана збор и за непостоењето на бракот: за недостатокот на вера како можна причина за поништување на бракот и за потребата од добра подготовка за светата тајна женидба. Ако сака да се избегне развод, треба да се придружуваат младите и пред и по склучувањето на брак. Во тој поглед е побарана соработка меѓу лаиците и богопосветените лица. Изразено е мислењето дека „премногу школскиот јазик“ кој говори за предбрачните курсеви, треба да се замени со постојано следење на семејствата во секој дел од нивниот живот.
Станало збор и за ранетите семејства, посебно оние кои не се ранети како резултат на личен избор. Истакнато е дека не треба да се зборува само за следење на науката на Црквата, туку и да се следат ранетите семејства и дека не треба остро да се суди она што се случило во минатото. Дискутирано е и за потребата од вистинска свештеничка формација, за да можат одговорно да се следат семејствата. Во однос на разведените кои се во нов цивилен брак истакната е потребата од нивно прифаќање, имајќи ги притоа на ум конкретните разлики кај секој поединечен случај. Нивното вклучување во животот на Црквата не се однесува само на примањето на Светата причест.
За време, пак на деветото Генерално собрание, Светиот Отец кратко се обрати до епископите пренесувајќи им ја пораката од многу верници кои се сретнале со него за време на аудиенцијата, дека молат за Синодата. По обраќањето на Папата расправата продолжила на темата која се однесува на пристапот до светите тајни на разведените кои се во нов цивилен брак. Многу од синодалните оци ја истакнале важноста на католичката наука и нејзината одбрана и јасното еднозначајно излагање на христијанскиот поглед на бракот и семејството, наведувајќи ја притоа Апостолското писмо Familiaris consortio.
Некои од оците истакнале дека пристапот до причеста за разведените кои се во нов цивилен брак може да се овозможи ако се свесни дека живеат во грев или имаат одлучено повеќе да не грешат. Тоа би требало да биде во согласност со трите предложени критериуми: одлучување за поединечни случаи според таканаречен покорнички пат, примерно однесување на лицата за кои станува збор и примање на светите тајни само во посебни важни пригоди. Истакнато е дека во таквите случаи лицата за кои станува збор треба да бидат придружувани и да им се опрости, ако се членови на Црквата, треба да им биде дозволено причестување. Некои, пак, од синодалните оци истакнаа дека канонското право во тој поглед не е престрого, барајќи разведените кои се во нов цивилен брак да не предизвикаат скандал. Понекогаш се заборава дека евхаристијата пред сѐ има спасителната вредност за човечката душа. Изразена е желба за пасторален пристап кој нема да ја ослабне црковната наука, туку ќе ја зајакне.
Повторно станало збор и за важноста од добра подготовка за брак, посебно внимавајќи на верата кај сопружниците, чиј недостаток може да предизвика поништување на бракот. Не може да се дава само формална подготовка, туку и постојано следење, на пример со помош на други брачни парови.
Во поглед на брачната плодноста и раѓањето, истакнато е дека темел на науката на Црквата останува енцикликата Humane vitae. Црквата треба да биде јасна и нежна учителка, помагајќи им на верниците повторно да ги откријат природните начини на планирање на семејството, не влегувајќи притоа во склоност со комерцијализацијата на плодноста која е присутна во современиот свет. Предложено е во завршниот документ на Синодата да биде посветено внимание и на брачните парови кои не можат да имат деца.
На Генералното собрание, потоа станало збор и за бегалците и семејствата кои се жртви на тероризмот. Беше потсетено на драмата на трговијата и проституцијата на жените и девојките, како и на децата кои остануваат сами поради миграцијата на родителите. Во тој контекст светите оци повикуваат на поголема солидарност на Црквата и христијанските семејства.
РВ/В.Н.