Се очекуваат 60.000 ходочесници во Рим за Јубилејот на семејствата

Се очекуваат 60.000 ходочесници во Рим за Јубилејот на семејствата

На 30 мај 2025 година ќе започне во Рим Јубилејот на семејствата, децата, бабите и дедовците, на кој ќе присуствуваат над 60.000 верници од 120 земји на тридневна молитва и бројни настани.

На големиот настан по повод Јубилејот, кој ќе се одржи од 30 мај до 1 јуни 2025 година ќе присуствуваат  ходочесници од сите континенти, а особено големи групи се очекуваат од Италија, Шпанија, САД, Полска и Португалија. Меѓу учесниците ќе бидат претставени бројни епархии, здруженија и движења.

„Дијалози со градот“ – културни, уметнички и духовни настани

Првиот ден од Јубилејот, 30 мај, од 8:00 до 17:00 часот, ќе биде посветен на ходочестие на Светите Врати во Папските базилики. Во 10:00 часот ќе започнат традиционалните „Дијалози со градот“ – културни, уметнички и духовни настани на плоштадите во историскиот центар на Рим.

Во сабота, на 31 мај, ходочестието на Светите Врати ќе продолжи во истиот временски период од 8:00 до 17:00 часот, но Светата Врата на Ватиканската базилика ќе биде затворена од 8:00 до 14:00 часот од организациски причини.

„Прослава на семејството“ со музика и сведоштва

Кулминацијата во саботата ќе биде „Почитување на семејството“ и молитвеното бдение на Плоштадот Свети Иван Латерански од 18:30 до 20:00 часот, каде што ќе се моли Бројаница, со што ќе заврши месецот посветен на Дева Марија. Вечерта ќе ја води познатата италијанска ТВ водителка Лорена Бјанкети, а ќе учествуваат актерот Џовани Сифони, христијанските музички групи „The Sun“ и „Gen Verde“, како и младиот саксофонист Алфио Русо.

За време на настанот, Папската фондација „Помош за црквата во неволја“ ќе подели 10.000 примероци од новото издание на „Детската Библија“ на пет јазици: италијански, англиски, шпански, француски и португалски.

Света Литургија со Папата на плоштадот „Свети Петар“

Јубилејот на семејствата ќе заврши во недела, на 1 јуни, со света Литургија на плоштадот „Свети Петар“, која ќе ја предводи папата Лав XIV, а ќе започне во 10:30 часот. Учеството е бесплатно и не се потребни билети, соопшти прес-службата за Јубилејот 2025.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот