Се менува лицето на верата: Извештај на Pew за глобалниот религиски пејзаж 2010–2020

Се менува лицето на верата: Извештај на Pew за глобалниот религиски пејзаж 2010–2020

Новообјавениот извештај на Pew Research Centre за наодите за тоа како се развивал религискиот пејзаж во светот во изминатата декада, ја истакнува демографската експанзија, промената на припадностите и растечкиот секуларизам. Извештајот нагласува дека христијаните остануваат најголемата религиска група во светот, иако муслиманите се најбрзо растечката.

Во свет обележан со брзи општествени, културни и демографски промени кои влијаат врз религискиот пејзаж, најновиот извештај на Pew Research Centre нуди целосен преглед на трансформациите во религиските припадности и демографија во периодот од 2010 до 2020 година.

Растечко и се повеќе разновидно население

Извештајот истакнува дека глобалната религиска популација значително пораснала во последните десет години, од приближно 5,9 милијарди во 2010 до речиси 6,9 милијарди во 2020 година. Овој раст најмногу се должи на демографските трендови во региони како што е супсахарска Африка, каде што високите стапки на раѓање и живите религиски заедници продолжуваат да се развиваат. Зголемувањето на муслиманската популација, која пораснала од 23,2% на 24,1% од вкупното светско население, ја нагласува сè поголемата важност на исламот на глобалната сцена. Во меѓувреме, иако христијанството останува најголемата вера, со околу 31,2% од светската популација, не го следи темпото на раст на глобалното население.

Интересно е што христијаните се најрамномерно распределената група во светот со големо присуство во многу региони, а мнозинството муслимани се помлади од 50 години; будистите, пак, се постари во споредба со другите религиски групи.

Промени и разлики помеѓу континентите

И покрај вкупниот раст, извештајот прикажува и слика на разлики меѓу континентите. Особено Европа продолжува да бележи пад во религиската идентификација, со забележливо зголемување на оние што се определуваат како религиски неопределени. Оваа група сега сочинува приближно 17% од населението на Европа, што ја одразува пошироката тенденција на секуларизација и променливите општествени ставови. Северна Америка, иако сѐ уште ја задржува силната христијанска припадност, бележи умерен пораст на секуларните и нерелигиски идентитети, што сигнализира промена во начинот на кој верата се доживува и изразува.

Нови трендови и движења

Деценијата беше обележана и со порастот на динамични религиски движења, особено во христијанството. Пентекосталските и евангелските заедници брзо се ширеа во Африка и Латинска Америка, давајќи нова енергија на овие традиции. Во многу региони, миграцијата и глобализацијата придонесоа за зголемена религиска разновидност, поттикнувајќи поотворено и плуралистичко општество. Од друга страна, некои области доживеаја религиски обнови, при што традиционалните практики добија обновено значење во услови на брзи општествени промени.

Растот на религиските „нонс“

Еден од најзабележливите трендови е зголемувањето на оние кои се декларираат како нерелигиски или без припадност кон религија. Глобално, оваа група се зголемува, особено во развиените земји, како резултат на растечкиот секуларизам што влијае на општествените ставови. Оваа промена, наведува Pew Research Centre, поставува длабоки прашања пред религиските институции и носителите на политики за идната улога на верата во јавниот живот.

Заклучок

Во заклучок, извештајот на Pew истакнува дека нашиот свет станува сè поразновиден и посложен кога станува збор за религиската идентификација. Како што населението расте и се менува, така и начините на кои луѓето бараат духовно исполнување и се вклучуваат во заедниците се трансформираат, повикувајќи ја Црквата и верските заедници ширум светот да дадат нов импулс на дијалогот и да поттикнат подлабоко разбирање на духовниот пејзаж за подобро да одговорат на неговите потреби.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот