Го објавуваме текстот од предговорот на папата Фрањо за книгата „Ho fatto cristiano il Papa“ [Го направив папата христијанин]. Книгата е биографија на отец Енрико Поцоли, салезиjански мисионер кој го крстил Хорхе Марио Бергољo во Буенос Аирес во 1936 година и го следел неговиот повик до неговиот новицијат. Текстот на Феручо Палавере ќе биде претставен во наредните денови во неколку италијански градови
Папата Фрањо
Сите оние кои имаа одреден проблем се обраќаа кај него [дон Енрико Поцоли], убедени дека тој ќе направи сѐ за да помогне. Се обраќавме кај отец Поцоли и кога ни требаше совет.
Отец Поцоли имаше чувство за реалноста. И кога ќе се случеше нешто необично, тој имаше необичен начин да се изразува. Ја ставаше раката на горниот дел од главата и ја чешаше со петте прсти, велејќи „canastos…“! Тоа беше неговиот единствен гест на нетрпеливост. Тој беше човек исклучително надарен, со здрав разум, што се истакнуваше во бројните совети што им ги даваше на луѓето. Поради ова сите многу го ценеа.
Тој поминуваше часови и часови во исповедалницата и со тек на годините стана референтна точка за сите Салезијанци во Буенос Аирес и околните заедници. Истото беше случај и со многу епархиски свештеници. Тој, исто така, повремено одеше да ги исповеда сестрите на Марија Помошничка на христијаните. Беше навистина голем исповедник.
Откако решив да станам свештеник [првиот на кој Хорхе Марио Бергољо му ја соопшти својата одлука да влезе во семинаријата беше неговиот татко, во 1955 година], знаев дека ќе ме разбере повеќе од мајка ми. Всушност, тој веднаш се воодушеви. Мајка ми ја немаше истата реакција. Таа ми одговори дека ќе треба долго и добро да размислам пред да ја донесам таа одлука, дека би било подобро да го завршам факултетот и да дипломирам.
[Две години подоцна Бергољо наиде на сериозен здравствен проблем] Беше август 1957 година. Почнав да чувствувам болка во десното белодробно крило. Болката не престануваше. Здравјето ми беше нарушено, итно ме однесоа во болница, бев многу слаб, до тој степен што не можев да станам, ме ставија на носилка [постои опасност да умре од инфекција на белите дробови, горното десно крило ќе му биде отстрането].
[Кога Бергољо го извести Поцоли, кој беше Салезијанец, дека има намера да стане Исусовец], отец Поцоли ја прифати мојата одлука и не ми понуди да им се придружам на Салезијанците наместо во Друштвото на Исусовци. Секогаш го почитуваше мојот избор, не беше тип на свештеник кој прозелитираше. Тој се распраша и ми рече дека Исусовците ќе ме примат во нивната семинарија во март. Беше ноември. Тој додаде дека нема да биде згодно да останам дома тие четири месеци. Требаше и физички да се опоравам, бидејќи операцијата на која се подложив беше многу тешка. Потоа му се обрати на својот директен претпоставен од провинцијата на Салезијанците од Буенос Аирес, на кого му ја објасни мојата ситуација.
Ватикан њуз/к.мк