Сестрите Евхаристинки го прославија Јубилејот 125 години од основањето
Со свечена архиерејска Литургија во недела 9 ноември во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ – Струмица, која ја предводеше Н.В.П. монс д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија во заедништво со Апостолскиот нунциј во Република Македонија, монс. Гвидо Анселмо Пекорари, сестрите Евхаристинки го прославија својот 125 годишен Јубилеј од основањето на нивната монашка заедница. Покрај бројните свештеници од Апостолскиот егзархат во Македонија и Скопска бискупија, на свеченоста присуствуваа и свештеници од странство, сестрите Евхаристинки на чело со генералната настојателка Максимилијана Пројкова, провинцијалната сестра Стефанија Георгиева, сестри од други монашки заедници од Македонија и соседните земји, како и голем број верници и пријатели на сестрите Евхаристинки.
На почетокот од евхаристиското славење епископот Стојанов го поздрави Апостолскиот нунциј Пекорари, а потоа започна светата Литургија.
Во проповедта епископот Стојанов зборуваше за Сојузот на Израилот со Бог, истакнувајќи дека човекот и покрај тоа што е неповторлива, единствена личност сепак според својата придора е свртен кон заедницата. Христос овековечувајќи го своето спасително дело ја основа Црквата, повикувајќи нов Божји народ. Притоа тој истакна дека Евхаристијата е извор и врв на заедништвото на Црквата.
Обраќајки се на сестрите Евхаристинки владиката Стојанов рече: Браќа и сестри, денес славиме 125 години откако во Солун се основани сестрите Евхаристинки. Основани токму така и носат наслов дека веднаш е видливо како се вкоренети во салата на Последната вечера и преку Калварија влегуваат во свет носејќи и сведочејќи ја таа и таквата Христова љубов. Драги Сестри вашата харизма е родена во одајата на Последната вечера. Не може таа харизма да се одвои од таа соба во која Исус ги собра своите ученици и ги „претвори“ во свои пријатели. Вие сте пријатели Божји – Христови свршенички – родени во Христовото срце во часот на Последната вечера. Верувам дека чувствувате дека тој повик од одајата на Последната вечера е повик да го следите на Калварија. Тој пат не е маченички, туку тој пат е прослава на Бог Отецот во извршувањето на неговата волја, тој пат е пат на љубов и затоа е предмет на вашите завети токму оној кој Исус го остави како предмет во Новиот Завет: По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив вас. Не може да се биде Евхаристинка, а да не се чувствува „дома“ во одајата на Последната вечера. Но исто така не може да се биде Евхаристинка, ако по патот на Голгота со љубов не се наведнеме над немоќните, болните напуштените; никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели (Иван 14,13). Сестрата Евхаристинка живее за оние на кои им е најпотребна љубовта: возрасни, немоќни, напуштени. Од каде кај неа толкава сила за таа авантура која е толку туѓа на нашиот менталитет? Одговор имаме во присутноста на Светиот Дух во нас. Светиот Дух е тој кој просветлува, води, чисти, усовршува и прави да тоа што сте и што сме одлучиле да можеме да го спроведеме во дело. Затоа денес, на овој ваш Јубилеј, ви порачувам: секој ден средба со Исус во евхаристијата и тоа постојана, длабока и лична. Секој ден присутност на Светиот Дух во секоја ваша мисла, збор и дело. Конечно, ниту еден ден без активна помош на малите, возрасните, напуштените. Зошто? Бидејќи Евхаристијата најповеќе се почитува така, што Исусовото евхаристиско лице се препознава во ближнот.
На крајот од Литургијата се обрати Апостолскиот нунциј во Македонија, архиепископот монс. Гвидо Анселмо Пекорари, кој им го честита Јубилејот на сестрите.
Потоа следуваше рецитал за животот и делото на отец Јосиф Алоати и сестра Еврозија Алоати, а на крај се обрати сестра Стефанија провинцијална сестра, која на сите се заблагодари за овој голем ден.
За време на Литургијата пееше катедралниот хор предводен од сестра Тереза Стојкова.
Славењето продолжи со понатамошни честитки и прием во парохиската сала.
к.мк/го*ко