Сепак не е сеедно дали сте аџија, поклоник или ходочесник

Сепак не е сеедно дали сте аџија, поклоник или ходочесник

Пишува: о. Гоце Костов

Кога станува збор за патувања и посети на свети места под покровителство на Црквата, во секојдневниот говор, често користиме термини кои воопшто не соодветствуваат на теолошката точност. Доколку размислиме подлабоко, ќе забележиме дека не е сеедно дали ќе употребиме „аџија“ или „поклоник“. А уште поважно е прашањето: зошто зборот ходочесник не се користи во општата употреба и зошто воопшто не е кодифициран во македонскиот литературен јазик?

Зборот аџија, според Толковниот речник на македонскиот јазик означува човек што бил на поклонение во светите места, Мека за муслиманите и Ерусалим за христијаните. Потекнува од арапскиот јазик (ḥājj) и преку турскиот влегува во употреба и во македонскиот јазик. Овој збор, како што покажува Толковниот речник се употребува дури и за христијани кои оделе во посета на Ерусалим, па така тие христијани се нарекуваат аџии. Во христијански контекст, употребата на „аџија“ е лексички неточна и теолошки неоснована и овој збор би требало да остане за употреба само во исламски контекст.

Во Толковниот речник на македонскиот јазик се среќава и зборот поклоник, кој означува верник што оди на поклонение, што дава почит на свети места. Па така се оди на поклонение во некој манастир, на гробот или мошти на некој светец, на некоја чудотворна икона или некое друго патување со духовна содржина. Но зарем христијанинот не се поклонува само на Бога? Поклонувањето има длабоко теолошко значење и е задржано само на Бога. Па од тука кога би зборувале за поклоник, во теолошка смисла би можеле да зборуваме за христијанин кој оди во Ерусалим да се поклони на Гробот Христов, но не и на светец икони, мошти…. И наместо аџија, во христијански контекст таквиот човек би можеле да го наречеме поклоник!

Но што е со оние кои одат на духовно патување во некој манастир, на гробот или мошти на некој светец, на некоја чудотворна икона или некое друго место со духовна содржина? Како би ги викале? За жал, Толковниот речник на македонскиот литературен јазик не познава збор со кој ќе се опише таквиот човек.

Католичката црква во Македонија мудро користи старословенски термин ходочесник, изведен од ходочестие:, каде глаголот ходити значи „оди“ или „патува“, а „чествие“ значи „почитува“, „чествува, Оттука, ходочествие значи патување со цел чествување на свето место, а ходочесник е човекот кој го прави тоа.

Да резимираме. Аџија треба исклучиво да се користи за исламски контекст; изворно значи оној што оди на аџилак до Мека; Поклоник е христијанин кој се поклонува на Бога, вклучително и на Гробот Христов и ходочесник е христијанин кој оди на духовно патување до свето место – гроб на светец, светилиште, мошти, икона – без поклонување. И секако со ова ја добиваме теолошката прецизност на терминот.

Многу често, при употребата на зборот „ходочесник“, се среќаваме со недоволно разбирање – секоја чест за исклучоци – при лекторирање на теолошки текстови, сметајќи го за „странски збор“. Но, таквото тврдење не се заснова на точна лингвистичка анализа. Овој збор е природен дел од словенската духовна лексика и има длабоки корени во црковнословенската литература која ја обликувала духовната култура на сите словенски народи, вклучително и македонскиот. Нема никаква лингвистичка пречка за негово прифаќање, освен недоволна проактивност од страна на надлежните институции.

Јазикот треба да развива. Потребно е Институтот за македонски јазик да биде поажурен, да има проактивна улога, не само да стражари над јазикот, туку и да го развива. Дури и кога некој збор формално не постои, институциите треба да создаваат, не да ограничуваат. Јазикот живее кога се развиваат нови зборови од секојдневното искуство и потреба на изразување.

Сепак не е сеедно дали сме аџија, поклоник или ходочесник. И за крај, ние христијаните што патуваме со вера, за да се приближиме до Бога, преку молитва, светец или чудотворна икона сме ходочесници: луѓе на пат, со очи кон небото и срце отворено за средба со Бога.

Категорија: Колумни

За авторот