Свечено одбележан празникот на Света Мајка Тереза во нејзината родна парохија

Свечено одбележан празникот на Света Мајка Тереза во нејзината родна парохија

Скопскиот бискуп и Струмичко  – скопски епарх монс. Киро Стојанов служеше свечена света Литургија во родната парохија на Света Мајка Тереза, а на крајот од свеченоста следуваше процесија со иконата на светицата од Скопје и нејзините мошти.

На празникот Света Мајка Тереза, 5 септември 2023 година, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. Киро Стојанов ја предводеше свечена Литургија во Катедралната црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, родната парохија и бискупија на светицата од Скопје и Македонија.

На светата Литургија со бискупот Стојанов сослужуваа катедралниот парох дон Винко Маслаќ, директорот на Македонски Каритас, ректор на светилиштето Паљурци и декан на епархискиот деканат отец д-р Зоран И. Стојанов и бискупскиот канцелар отец Марјан Ристов, а во присуство на бројни верници и монашките заедници кои делуваат во Македонија.

За време на својата проповед бискупот Стојанов зборуваше за поимот светост и христијанскиот повик на светост при што истакна дека само Бог е свет, ако под поимот светост подразбираме апсолутно совршено битие и додаде дека Исусовото воплотување и животот на Богочовекот ни ја доближува оваа светост, кој пак нѐ повикува да бидеме совршени како што е совршен нашиот небесен Отец.

Во продлжение бискупот Стојанов, цитирајќи делови од Евангелието го истакна Исусовиот повик да го следиме и рече: И така би можеле да набројуваме многу делови од Евангелието каде што поимот на светост всушност означува да се наследува Исус во неговата добрина, совршеност, кротост, понизност, вистина, едноставно целокупно да се земе пример од Исусовиот живот, делување и постапки“ додавајќи дека во Исус се воплотува Божјата светост и ни се приближува за да можеме да ја наследуваме. Она што не треба да го заборавиме е дека тоа е можно со силата на Светиот Дух.

Бискупот Стојанов истакна дека во Евангелието го забележуваме вистинското Богољубие, кое всушност е Човекољубието, цитирајќи од Првото послание на свети Иван Богослов во кое вели: Лажливец е оној кој тврди дека Го љуби Бога, Кого не го видел, ако не Го љуби својот ближен кого го видел. Така бискупот Стојанов заклучи дека е таков всушност поимот на светоста, односно љубовта.

Осврнувајќи се на света Мајка Тереза рече: Погледнете ја нашата светица, чиј празник денес торжествено го славиме, Света Мајка Тереза. Во време кога сиромаштијата се појавува на светско ниво, дури и до истребување, и појавата на неоправдано богатење на малобројните, се појавува една жена Скопјанка која сосема добро го разбра знакот на времето и Исусовите зборови од крстот: Жеден сум. За да ја угаси Исусовата жед, ја прифатила пораката на Евангелието според Матеј: зашто гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден  бев и ме напоивте; необлечен бев и Ме облековте, болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте кај Мене. Мајка Тереза сфати дека Исус се овоплоти во Марија, дека е воплотен во Евхаристијата и дека е приустен во малите и страдалниците.

Зборувајќи за нејзината делотворна љубов кон сиромашните, бискупот Стојанов забележа дека Мајка Тереза започна да го менува светот, а тоа уште трае, и на сите ни покажа што е тоа да се има универзална љубов, безусловна, љубов кон секој што е во потреба, без разлика дали некој е христијанин или припадник на друга вероисповед, дали е Индиец, Македонец, Албанец…. А тоа е плод на нејзиното домашно христијанското воспитание и разноличноста на татковината во која Мајка Тереза растеше. Затоа што Мајка Тереза љубовта не ја делеше, туку ја множеше, а тајната на нејзината светост е во молитвата и тоа молитва во тишина, каде што разговараше со Христос жеден, од каде црпеше сила да служи на Христос, односно на најсиромашните меѓу сиромашните – рече Скопскиот бискуп.

Проповедта бискупот Стојанов ја заврши со зборовите: Нејзината харизма го одбележа 20-тиот век и го воведе новиот милениум покажувајќи што е светост: да му се прави добро на Христос преку малите. Која е пораката до нас? Исусовите зборови: „Оди и ти прави така!“ (Лука 10,37).

Свеченоста заврши со свечена процесија околу катедралата во која беа моштите на света Мајка Тереза и икона на светицата носена од сестрите Мисонерки на љубовта, а за време на процесијата пееше катедралниот хор.

к.мк

повеќе фотографии на facebook

Категорија: Вести, Македонија

За авторот