Свечена света Литургија во Скопската катедрала со Апостолскиот нунциј во Македонија монсињор Јануш Болонек
Во неделата на 15 декември 2013 година, трета адвентска недела, во Скопската катедрала Пресвето Срце Исусово вечерната свeта Литургија беше предводена од надбискупот монсињор Јануш Болонек, досегашен нунциј во Македонија. Оваа литургиска прослава беше еден вид збогување со верниците од Македонија, имено, тој го одбележа своето пензионирање и заминување од оваа функција. Тој од 2011 година беше именуван за Апостолски нунциј на Светата Столица во Бугарија и Македонија.
На самиот почеток на светата Литургија скопскиот бискуп и апостолски егзарх во Македонија Н.В.П. монсињор д-р. Киро Стојанов го пзодрави надбискупот Болонек, заблагодарувајќи му се за досегашната служба во Македонија. Во својата проповед, надбискупот Болонек говореше за потребата и значењето на радоста во животот на човекот и дека целосната радост човекот може да ја доживее само во Бога. Понатаму, тој во својата скромност, изрази жалење велејќи дека краткиот временски период на оваа служба во Македонија и тежината на годините не му овозможиле уште повеќе да придонесе за Католичката црква во Македонија. Но, мораме да забележиме дека тој целата својата проповед ја говореше на македонски јазик, внимателно и точно, што навистина е голема чест за верниците.
Скопскиот парох дон Давор Топиќ, исто така, ја изрази големата благодарност од името на скопската парохија и го замоли надбискупот Болонек, во овој период на заслужена пензија, во своите молитви почесто да се сеќава на црквата во Македонија за да истрае во сведочењето на Христовата вера.
Надбискупот Болонек е роден на 6 декември 1938 година во Хута Длутовска, Полска. Работејќи во папската дипломатија, помеѓу останатите позиции, бил нунциј во Уругвај, Романија, Бугарија и Македонија.
Е.Абјаниќ