Светлина во светот
Постојат ли моменти на темнина во твојот живот? Моменти кога не гледаш светлина, моменти на нејаснотија? Се среќаваш ли со замки? Замките секогаш се маскирани. Ги забележуваш ли? Наидуваш ли на искушенија, на нешто што сака да те зароби и што како змијата на Адам и Ева ти шепоти: „Земи, земи, земи…“, што ти шепоти и те уверува дека мора да пробаш и да го имаш, имаш… И така страв, а преку него темнина влегува во твоето срце: страв пред иднината, страв дека другите не те сакат, да не изгубиш некој друг или нешто. Стравот те води во темнина.
Темнина околу нас
Ставен си пред многу испити. Твојата вера и доверба во Бог секојдневно се на испит. Секојдневно е на испит твојата доверба во родителите, во пријателите, во твоите деца. Секојдневно е на испит твојата љубов.
Чувствуваш ли темнина во себе во облик на негативни мисли, во облик на негативни чувства кон некого? Кога такво нешто ќе се појави во тебе, што правиш тогаш? Дозволуваш ли таквите негативни мисли и чувства да останат во тебе долго време? Дозволуваш ли да те победат? Што правиш кога ќе забележиш негативно во другите? Кога забележуваш дека другиот е слаб? Го осудуваш ли другиот? Сфаќаш ли дека преку негативните мисли и чувства, посебно со осуда на другите темнината влегува во твојата внатрешност? Има многу крадци кои ти го крадат времето, времето за молитва, за Бог, за света Литургија, за семејството… Ги забележуваш ли тие крадци?
Темнина е околу нас. Темнината може да биде во нас и во другите. Темнина е кога ќе ти се појави мисла дека не можеш, дека не си способен, дека не вредиш, дека нема да успееш, дека нема надеж… Тоа е време на темнина и тоа може да се појави во тебе и во другите, но драги пријателе, никаква темнина – ниту она кога ќе се појави мисла за смрт – не е посилна од светлината.
Дојди кај светлината
Исус вели: Јас сум светлина на светот.
Светлото се шири. Исусовата љубов се шири преку мене и тебе. Прими пламен свеќа, нека тој пламен ја продлабочи љубовта во твоето срце, нека ја осветлува твојата внатрешност, нека внесе светло во твоето срце, нека те освежи, тебе и твојата одлука да го следиш Христос. И не го задржувај тоа светло за себе, туку предај го на други. Носете ја светлината, носето го Исуса! Прими го тоа светло, во него прими го Исуса, Исус светлина во светот. Исус ти вели: „Јас сум Светлина на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот.“ (Ив 8, 12).
Кога страв ќе се појави во тебе, Исус ти вели: Дојди кај Мене, дојди кај светлината и слушни ги моите зборови: Не плаши се! Кога си во темнина дојди кај Мене, јас ќе те осветлам и ќе ти го покажам патот. Кога си пред ѕид и пред некоја раскрсница и не ти е јасно каде и како понатаму, дојди кај Мене, кај Светлината. Кога не знаеш да разликуваш што е добро, а што зло, дојди кај Мене, кај Светлината. Кога мислиш негативно за некого и кога тие мисли те уверуваат да не го поздравиш, да не разговараш со него, да го мразиш, да зборуваш негативно за него, да не му простиш, дојди кај Мене, кај Светлината. Кога во тебе ќе се појави мисла дека не можеш, дека си неспособен, дека не можеш да се подигнеш од поразот, од неуспехот, дојди кај Мене, кај Светлината. Кога во тебе ќе се појави мисла дека не се исплаќа да се прави добро, дека тоа што го правиш другите не го ценат, дека другите не те сакат, дека не ти се благодарни – и тогаш дојди кај мене, кај Светлината.
Ти си светлина во светот
Сети се дека Исус не зборува само за себе дека е Светлина, туку и тебе ти порачува: Вие сте светлина во светот! Ти си светло на другите… Драги пријатели, кога другите не сакаат ништо да преземат, кога не сакаат да се активират за добро, дојди кај Исус и слушни ги Неговите зборови: Ти си светлина на светот! Кога другите ќе тргнат по погрешни патишта и тебе те повикуваат да ги следиш, сети се на Исусовите зборови: Ти си светлина на светот! Кога гледаш дека твојот пријател оди по лош пат, дека паднал, ќе ти дојде мисла: А што ме засега тоа мене? Тогаш сети се на Исусовите зборови: Ти си светлина на светот!
Сега Господи одам по Твојата светлина, со Твојата сила, во своето секојдневие. Сакам да го исполнувам тоа што го поставуваш – со радост. Сакам да го носам тоа што ми го досудуваш – со радост. Сакам да те следам каде и да ме повикаш – со радост. Затоа осветли ме со своето светло. Сочувај ја во мене својата радост.
Фра Маринко Шакота Гласник Мира/Д.И.