Три застрашувачки пророштва што папата Свети Павле VI ги напишал во „Humanae Vitae“ кои се оствариле
На 29 мај го чествуваме споменот на папата свети Павле VI, кој ја напиша енцикликата за човечкиот живот, Humanae Vitae.
Со оваа енциклика тој го потврди традиционалното учење на Црквата против употребата на контрацепција. За епископот Роберт Барон, од бискупијата Винона-Рочестер, свети Павле VI бил многу повеќе од голем морален учител, тој бил пророчки глас.
Во видеото „Контрацепцијата и општествените промени“, епископот Барон го истакнува 17. дел од Humanae Vitae како место во енцикликата каде Павле VI пророчки предупредува за општествените последици од широко прифатената контрацепција.
„Ќе признаам, додека повторно го читав овој дел, ме погоди силно, бидејќи си помислив: ‘Ова е 1968 година, а овој човек толку јасно го гледал нашето време’“, вели епископот Барон.
Иако објаснувањето на епископот Барон доаѓа од видео од 2018 година, по повод 50-годишнината од Humanae Vitae, овие учења денес изгледаат порелевантни од кога било.
Епископот Барон ги посочува трите големи предупредувања на папата свети Павле VI за тоа како би изгледал светот што широко ја прифаќа контрацепцијата.
- Повеќе брачна неверност и општо намалување на моралните стандарди
„Одговорните луѓе можат уште подлабоко да се уверат во вистинитоста на учењето што Црквата го поставува за ова прашање, ако размислат за последиците од методите и плановите за вештачка контрацепција. Најнапред нека размислат колку лесно ваквиот начин на дејствување би можел широко да го отвори патот за брачна неверност и за општо намалување на моралните стандарди.“ (папа свети Павле VI, Humanae Vitae, 17)
- Опасност жената да биде сведена на средство за задоволување на желбите
„Мажот кој ќе се навикне на употребата на контрацептивни методи може да ја заборави почитта што ја должи на жената и, занемарувајќи ја нејзината физичка и емоционална рамнотежа, да ја сведе на обично средство за задоволување на сопствените желби, без повеќе да ја смета за своја сопруга и придружничка, која треба да ја опкружи со грижа и љубов.“ (папа свети Павле VI, Humanae Vitae, 17)
- Опасност јавните власти да ја наметнуваат контрацепцијата
„Треба внимателно да се разгледа и опасноста оваа моќ да премине во рацете на јавните власти, кои малку се грижат за прописите на моралниот закон… Ако го сметаат тоа за неопходно, тие дури можат да ја наметнат употребата на таквите средства на сите.“ (папа свети Павле VI, Humanae Vitae, 17)
Повеќе од половина век по сексуалната револуција, јасно е зошто многумина денес ги сметаат овие предупредувања за пророчки. Сексуалниот морал и бракот се длабоко погодени; жената сè почесто се сведува на предмет на желба; а во повеќе општества се појавуваат политики преку кои државата или институциите настојуваат да наметнат практики спротивни на совеста на верниците и на религиозните установи. Дополнително, постојат и построги политики за контрола на населението во земји како Кина.
Гледајќи ја денешната култура, впечатливо е колку свети Павле VI бил далекувид. Токму затоа е уште потажно што толку многу луѓе, и во Црквата и надвор од неа, не ги послушале повнимателно неговите предупредувања.
CHPop/к.мк

