Свети Игнатиј од Лојола – од офицер до основач на Друштвото Исусово

Свети Игнатиј од Лојола – од офицер до основач на Друштвото Исусово

Игнатиј од младо момче искушувано од светските работи израснал во голем мистик. Неговиот извонреден молитвен живот се одразува во Духовните вежби – темел на животот на Исусовците.

Тој е роден во 1491 година во Баскија во едно од 24-те баскиски благороднички семејства. Бил последен од дванаесетте деца. Како штитоносец на дворецот на еден шпански владетел, а подоцна и како млад офицер сонувал за сјајна иднина.

На празникот Духовден, во 1521 година, бранејќи ја тврдината Памплона бил ранет од топовски куршум и едната нога за цел живот му останала пократка. Оваа ранување на некое време го приврзало за креветот и така имал време да размислува за својот живот и за своите аспирции. Бидејќи во куќата каде што се опоравувал немало други книги освен животописи на светците и витешки романи, читал само таква литература. Многу се изненадил откако ги прочитал витешките романи, во него не оставиле никаков впечаток, а уште повеќе го оставиле празен иако за време на читањето уживал во нив, додека пак животописите на светците во него оставиле голем впечаток и му дадоа некое внатрешно светло.

Помислувал што би можело тоа да биде? Зошто тоа така се случува? По оздравувањето Игнатиј тргнал на поклонички патувања во светилиштата посветени на Марија. За овој период Игнатиј самиот вака судел: „Бог со мене постапувал како учител со дете и јас би ја навредил Божјата големина кога би се посомневал дека Бог постапува така со мене.“ Во Манерса Бог му ги отворил очите на душата, и од тогаш сите работи му се чинеле различни, за кои во 62 години од животот ќе каже дека сите знаења кои тој ги стекнал во животот не се ништо во споредба со она што тој еднаш го искусил. Во Манерса е создадена мала книга од Духовни вежби, која ќе преобрати безброј луѓе. „Книгата со духовни вежби е едукативна книга за сите времиња и, како што некој рекол, направила повеќе светци отколку што содржи букви во неа.“

Од таму Игнатиј како поклоник отишол во Рим, па во Венеција и најпосле во Светата Земја. Таму сакал да преобратува неверници, но во тие околности тоа било невозможно. Уште кога бил во Барселона имал намера да собере околу него група на истомисленици, но тоа му успеало дури во Париз на студиите кои ги започнал во Барселона, а ги продолжил во Алкала, Саламанка.

Со своите другари Игнатиј на празникот Успение на Пресвета Богородица, во 1534 година во капелата на мачениците во Париз, ја донел одлуката за заеднички живот посветен на Исус Христос. Се заветиле дека ќе му служаат на Бога и ќе им помагаат на душите кои се во совршено сиромаштво и чистота и ќе отидат во Палестина. Ако тоа не им тргне од рака, тогаш ќе се стават на располагање на Папата, Христовиот намесник овде на земјата, „за да Христос преку него се удостои да им го покаже патот кон посовршена служба.“ Кога завршиле со студиите во 1537 година пристигнале во Венеција каде што епископот од Раб на 24 јуни го ракоположил за свештеник. Бидејќи не можеле да отидат во Светата Земја, тргнале за Рим.

На патот кон Рим Игнатиј застанал во црквата „Ла Сторта“. Таму доживеал една голема милост. Неговиот сопатник Лаинез како очевидец вака ја опишал: „Кога бевме на пат од Сиена кон Рим, се случи нашиот татко да доживее многу духовни утехи. Ми рече дека му се случило како Бог Отец да му ги втиснал овие зборови: ‘Во Рим ќе ви бидам милостив’. Бидејќи нашиот татко не знаеше што би можело да значат овие зборови, додал: ‘Не знам што ќе се случи со нас, можеби во Рим ќе бидеме распнати.’ Тогаш рекол дека му се причинува како да го гледа Исус со крстот на рамото, а покрај него вечниот Отец кој му рекол: ‘Сакам овој да го земеш за слуга.’ И така Исус го фатил и му рекол: ‘Сакам да ми служиш.’ Од тој момент стекнал голема побожност кон Исусовото име и сакал неговото Друштво да се нарече Исусово.“

Папата Павле III со булата „Реџимини милитантис еклезие (За надмоќта на милитантната Црква)“ на 27 септември 1540 година ќе го потврди како нова монашка заедница. Овој ден Друштвото Исусовци со благодарност и ден денес го славаат како нивен роденден.

Иганитј едногласно бил избран за прв игумен на друштвото и на чело бил 15 години сѐ до неговата смрт. Зата и денес во Друштвото Исусово поглаварот е доживотно на таа служба. Починал на 31 јули 1556 година оставајќи зад себе многу добро зацврстена монашка заедница со многубројни колегиуми и институции и околу 1000 Исусовци чие влијание го надминувал нивниот број.

Битно.нет/З.А.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот