Свети Иван Павле II и света Џана Берета прогласени за заштитници на Светската средба на семејството

 Светиот папа Иван Павле II и света Џана Берета Мола се прогласени за заштитници на следната Светска средба на семејството, која ќе се одржи од 22 до 27 септември 2015 година во американскиот град Филаделфија.

Тоа го објави филаделфискиот архиепископ Чарлс Шапут, кој истакна дека папата Иван Павле II и света Џана силно и постојано се залагаа за семејството и неговите вредности.

За време на литургиското славење, архиепископот Шапут ги изложи и благослови реликвиите со крвта на светиот папа Иван Павле II.

На Светската средба на семејството која ќе се одржи под мотото „Љубовта е наше послание: Семејство полно со живот“, се очекуваат десетици илјади семејства од целиот свет.

Првата таква средба се одржа 1994 година по иницијатива на свети Иван Павле II и на Папскиот совет за семејство. Цел на таквите средби е да се зајакне семејството низ светот во радосното и искреното живеење на верата.

Свети Иван Павле II е прв папа што ја посети Филаделфија во 1979 година, а на овогодишната канонизација папата Фрањо го нарече „Папа на семејството“.

Света Џана, мајка на четири деца, умира седум дена по раѓањето на ќерката Џана Емануела. За блажена е прогласена 1994 година, десет години подоцна светиот папа Иван Павле II ја прогласува за светица. Таа е заштитница на мајките, докторите и неродените деца.

ЕВТН/В.Н.

Категорија: Свет

За авторот