Свети Иван Вијанеј – заштитник на свештениците

Свети Иван Вијанеј – заштитник на свештениците

Денес се спомнуваме на свeти Иван Марија Вијанеј, големиот парох од Арс.

Роден е на 8 мај 1786 година во Дардили, близу Лион во Франција. Неговите родители биле побожни селани. Свети Иван своето детство и младост ги поминал во времето на владеењето на Француската револуција чувајќи три овци и една магарица помагајќи во работата на полето. Тогаш во селото немало учител. Кога имал 11 години, за прв пат се исповедил дома пред свештеникот кој одбил да положи заклетва на револуционерниот устав. Во ноќните часови Иван одел на веронаука која што тајно се одржувала по куќите, а вероучители биле монаси облечени во цивилна облека.

Првата Света Причест ја примил во шталата, каде што тајно се служела Света Литургија, додека некои надвор стражареле. Со посредство на парохот Балеј од соседното село во 1805 година бил примен во училиштето. Четири години подоцна бил повикан во војска. Кога неговата единица марширала во Шпанија, Иван на едно место подолго време се задржал во црквата. Некое време се криел како воен бегалец. Кога имал 26 години, по препорака на парохот Балеј бил примен во семинаријата во Вериер, а богословските студии ги завршил во Лион.

Првата Света Литургија ја служел во капелата од семинаријата на 14 август 1815 година. Бил поставен како капелан на парохот Балеј. Овој свештеник напредувал во молитвата, во покората и во одрекувањето. После 30 месеци починал парохот Балеј, а свети Иван Вијанеј бил преместен за парох во селото Арс, верски сосема запуштено село кое имало 230 луѓе и четири кафеани. Пијанството било на прво место, а во Црквата некој и поминувал. Во Арс свети Иван Вијанеј своето пасторално дело го започнал со долгите ноќни часови во молитва пред Пресветото, со лична строга покора и инспиративни проповеди.

Во својата катехеза едноставно и убедливо честопати зборува за Евхаристијата со препорака за често причестување. Неговите зборови се: „Кај оваа прекрасна Света Тајна христијаните се како луѓе кои умираат од жед покрај некој поток. А доволно би било само да ја наведнат главата. Не се сите добри кои се причестуваат, но ќе бидат добри само помеѓу оние кои се причестуваат.“ Или исто така: „Оној кој се причестува се губи во Бога како капка во океанот. После Светата Причест душата се облекува во балзам како пчела во цвеќе.“ За вредностите на Светата Литургија рекол: „Сите добри дела заедно немаат еднаква вредност со Светолитургиската Жртва, бидејќи тие се човечки дела, а Светата Литургија е Божјо Дело. Литургијата не може да се спореди со мачеништвото, бидејќи мачеништвото е човековото жртвување за Бога, а Литургијата е Жртва на Богочовекот, на Божјето Тело и Божјата Крв за човекот. Чинот на претворбата е поголемо чудо отколку да се воскресне мртовец!“ Исто така потресни се неговите зборови за достоинството на свештеникот: Свештеникот навистина ќе може да биде разбран само кога ќе дојде во Небото.“

Во својата парохија го основал братството на вечното обожавање. Светиот парох од Арс се вклучил во мисија по околните парохии како исповедник. Многумина биле задоволни па го следеле и доаѓале во Арс на света Исповед, а кога некој го прашал: „Господине парох, кога Бог би ви дал да изберете, дали овој момент ќе сакате директно да одите во Небото или ќе сакате да останете и понатаму овде на земјата да работите на преобраќање на грешниците, што би направиле?“ – „Мислам дека би останал на Земјата,“ бил неговиот одговор. На друго прашање: „А колку долго би останале?“ – „Кога би било можно и до свршетокот на светот!„ рекол свештеникот. По 42 години свештеничка служба во 73-та година од својот живот на 4 август 1859 година се преселил во вечниот мир. Светиот папа Пиј X во 1905 година го вклучил во пописот на Блажените и го именувал за заштитник на сите свештеници. Во пописот на Светците го вклучил папата Пиј XI во 1925 година.

МОЛИТВА:

Свети свештенику од Арс, за време на твоето детство, твоето срце беше насочено кон Бога.

Дева Марија, Мајката Христова, постојано блескала како Звезда на твојот живот.

Си го слушнал повикот на Исус Христос, кој Тој им го упатил на првите ученици.

Истиот повик, кој низ историјата го прифаќале многу млади момчиња и својот живот го посветиле за ширење на Евангелието како свештеници и пастири на Божјето стадо.

Свети Свештенику од Арс, целиот твој живот беше одговор на овој неодолив повик, повик на љубовта.

Измоли милост за нашиот Папа, да ја води Христовата Црква со истата мудрост и посветеност со која ти си ја управувал со малиот кораб во Арс.

Измоли за нашите епископи храброст и јакост, која им е потребна да го навестуваат Божјото Слово како треба и да го водаат вознемиреното стадо кон Христос, кој е Патот, Вистината и Животот.

Измоли за нашите свештеници милост за да можат секој ден да принесуваат светолитургиска жртва, Света Тајна на љубовта, и секогаш да бидат најтесно поврзани со откупителниот Христов крст.

Измоли им милост за да можат во човечките срца да влеваат милосрдие од Христос Спасителот преку Светата Тајна Исповед, помирувајќи ги луѓето со Бога и со ближните.

Побарај од Бога за сите милост на светоста.

Во моментите на поделби, вознемиреност, омраза и потешкотии се обраќаме кон тебе.

Свети Свештенику од Арс, те повикуваме, дојди во помош на својата Католичка Црква. Амин

Битно.нет/З.А

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот