Свети Валентин

Свети Валентин

Римската мартирологија го спомнува свeети Валентин, земајќи информации од свети Беда Преподобен од 8 век. За свети Валентин се вели дека бил свештеник во Рим и дека се одликувал со мудрост и доблесен живот. Заради тоа уживал голем углед кај паганите и кај христијаните. Царот Клавдиј II Готски (268 – 270) сакал лично да го запознае. Валентин насетувал што би можело да се случи после средбата со царот па затоа со молитва се подготвувал за претстојниот завршеток на неговиот живот, со маченичка смрт.

Зацврстен со силата од светите Тајни смело излегол пред царот. Тој му рекол: „Валентин, со задоволство би ја слушнал твојата мудрост и би сакал да бидам твој пријател. За возврат од тебе барам само едно: да се вратиш кон старата вера во римските богови.“ Валентин одговорил: „Светол цару, кога би насетил барем нешто од Божјата слава, тоа никогаш не би го побарал од мене. Христос за мене е вистинскиот Син Божји.“ На прашањето на еден од судиите што мисли за боговите, тој одговорил: „Тоа се демони!“ Судското собрание станало на нозе и побарало смрт за Валентин.

Валентин побарал од царот само еден миг и набрзина му ги објаснил основите на христијанската вистина. Царот бил длабоко трогнат. Но градскиот префект извикал: „Валентин е волшебник!“ И тогаш настанала голема гужва. Царот се преплашил од буната на народот, па Валентин му го предал на градскиот префект, додека префектот на судијата Астериј. Со молитва и со положување на рацете Валентин му ја излекувал слепата ќерка. Астериј веднаш се крстил, а наскоро заедно со своето семејство умрел со маченичка смрт. Градскиот префект заповедал стариот свештеник Валентин да биде тепан, а потоа наредил да му се отсече главата. Тоа било во 269 година на улицата Фламинија. Маченикот го погребала некоја жена по име Сабинила.

Еден друг извештај спомнува дека на гробот на маченикот папата Јулиј I наредил да се изгради базилика. Уште додека бил жив станал почитуван меѓу христијаните заради добродетелта и заради чудесното оздравување на една слепа паганска девојка.

Празникот на свети Валентин веќе се славел уште во времето на папата Григориј Велики. Народот го повикувал во помош за очни болести, епилепсија и во другите потреби сѐ до раниот среден век. (…) За верниците кои денес се собираат околу олтарот, празникот на свети Валентин, нека биде ден на обновувањето и на исповедувањето на верата, во прифаќањето на секојдневниот крст, во христијанскиот живот. Тоа е најважното, а објективната реалност ќе ја дознаеме во вечноста.

Светци/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот