Свети Амвросиј е еден од четворицата западни Отци, а тоа се оние писатели кои на почетокот од христијанството се истакнувале со светоста на животот и со големо теолошко знаење. Тие го создадоа златниот период на христијанската литература, откривајќи многу христијански тајни и протолкувајќи ги за животот на библиската вистина. Своето златно перо го ставиле во служба на објавената вистина од Бога и на тој начин збогатувајќи го не само својот, туку и подоцнежните периоди.
Свети Амвросиј се родил, најверојатно, во градот Триер околу 339 година. Потекнувал од многу познато римско семејство. Татко му бил голем царски намесник во Галија. Амвросиј во Рим студирал ораторство и право. Околу 370. година станал гувернер (legatus conularius) во Северна Италија со седиште во Милано.
Кога во овој град починал аријанскиот бискуп Аксенциј, свештенството и народот едногласно го избрале Амвросиј за негов наследник на бискупскиот престол, иако тој сѐ уште бил катекумен, односно уште се подготвувал за светото крштевање. Овој избор сигурно не бил без да биде од повисока инспирација. Милано тогаш имал потреба од надбискуп како што е Амвросиј.
Амвросиј се крстил, и во рок од осум дена ги примил сите чинови до епископ. Заедно со свештеникот Симплицијан, кој подоцна ќе го наследи, сериозно работел околу тоа да стекне што потемелно теолошко образование, студирајќи ги особено грчките Свети Отци. Како епископ особено се истакнал во поучувањето на своето стадо, во одбрана на Црквата против паганството, аријанството – доктрина која го негирала Христовата божественост – како и против другите ереси. Бил одличен и влијателен советник на царевите: Грацијан, кој прв од римските цареви се откажал од титулата ‘врховен свештеник’; Валентинијан II, и Теодосиј Велики, кој христијанството го прогласил за државна религија, а паганството со закон го забранил.
Амвросиј, исто така, бил голем поддржувач за независноста на Црквата од државната власт, сепак, избегнувајќи судир со државата, но кога станувало збор за правда и законот, бил неуморен. Така го присилил царот Теодосиј да прави покора затоа што наредил страшен масакар во Солун во 390 година. Само големиот цар мораше да признае дека Амвросиј е единствен, кој е достоен да биде епископ.
Својата литературна активност ја развил во проповедите и катехезите, на кои се посветувал со својот жар на своето пастирско битие. Многу го толкувал и Светото Писмо општо во пренесено и мистично значење, извлекувајќи ја од него моралната поука за животот. Пишувал и догматски како и полемички текстови за верата, за Светиот Дух, за таинствата, за покората, за Светите Тајни. Познато е морално-поучното дело за Должностите на служебиниците.
Еве нешто од оваа дело: „Мислеле (имено филозофите) дека должностите произлегуваат од она што е добро и корисно и да избираме помеѓу тие две што е поважно. Пред сѐ, всушност, должноста се дели на три дела: на добро, на корисно и на она што е важно. Потоа тие три поделби ги разделиле на пет вида: на две добра, на две корисни и на суд во изборот. Првите два вида, велат, се однесуваат на честа и чесноста на животот, а други придобивки на изобилството, на моќта и на сопственоста, додека за изборот одлучува судот. Така велаат тие. А ние за она што е чесно и добро не мериме со мерка на сегашноста, туку со мерка на иднината; и ништо не е, велиме, корисно отколку она што користи за благодатта на вечниот живот, а не за угодување на сегашноста. И не гледаме никаква корист од сопственоста и изобилството на богатството, туку тоа го сметаме за штета, доколку не се отфрли; повеќе е пресудуваме, товар кога имаш, отколку губиток кога трошиш…“.
Свети Амвросиј исто така ја прославува на Бога посветената девственост и богомајчинското Маријанско достоинство, особено во делото за Девиците, што го напишал за својата сестра Марчелина, монахиња во Рим. Тука ја става Пресвета Богородица како огледало на сите девици. „Таа е пример на девственоста… Колку доблести блескаат во самата Дева Марија! Закрила на чистотата, знаме на верата, пример на побожноста, девица во куќата, помошница за свештенството, мајка во храмот. Таа, која уште на земјата живеела небесен живот, заслужила да живее на небесата. Марија, всушност, земајќи го барабанот ќе ги предводи хоровите на девиците, пеејќи му на Господа и благословувајќи го, бидејќи го преминала морето на светот, а да не потоне во неговиот вртлог. И тогаш сите би извикале: Ќе пристапам кон Божјиот жртвеник, кон Бога кој ја развеселува мојата младост. Му принесувам на Бога жртва на пофалбата и на Севишниот му ги пренесувам своите завети…“.
Меѓу позначајните дела на свети Амврозиј треба да се споменат и неколку многу потресни посмртни говори, како што се за неговиот брат Сатир, за царот Валентинијан II, и за царот Теодосиј Велики.
Свети Амвросиј исто така се истакнал и како поет на химни, така што со право е наречен „татко на латинската химна“. Неговите јасни, прекрасни стихови, создадени се токму за пеењ,е па затоа се влезени и во христијанската богослужба, станувајќи вистински народни песни, пример за поезијата од овој вид на Западот.
Во говорот против Аксенциј за преданието на црквата св. Амвросиј вели:
„Велат дека со своите песни сум го заслепил народот. Да, не кријам. Прекрасна е магијата, од која нема ништо помоќно. Но што е помоќно од тоа да се признае Тројството што секој ден се слави од устите на народот! Се натпреваруваат, наизменично ја исповедаат верата, знаат со песна да го слават Отецот и Синот и Светиот Дух. Всушност сите станале учители, а едвај би можеле да бидат ученици.“
Свети Амвросиј кој на денешен ден во 374 година бил посветен за милански епископ, починал во истиот град на 4 април 397 година, полн со заслуги за својата бискупија, а и за универзалната Црква. Љубовта и грижата за доброто на Црквата го натерала на патување и во стариот Сирмиум, денешна Сремска Митровица. Кога слушнал дека таму починал бискупот Герминиј, дошол да се вклучи во изборот на новиот бискуп, бидејќи претходниот бил затруен од аријанизмот и дури пред смртта се помирил со Богочовекот. Царицата Јустина се обидувала да го попречи Амвросиј во оваа чесна работа па ги наговорила аријанските жени во Сирмиум да се нафрлат на Амвросиј. И навистина жените се нафрлиле на Амвросиј.
Една од девојките среде црква го фатила, почнала да му ја влече литургиската одежда, влечејќи го од олтарот меѓу жените, каде што го чекале раце и остри нокти. Но Амвросиј, мал и кревок каков што бил, се завртел и достоинствено ја повикал девојката на ред: „Ако сум и недостоен за свештенството, сепак тебе не ти прилега на било кој од свештениците да ставаш рака! Плаши се од Божјиот суд!“ Секретарот на Амвросиј, Паулин, забележил дека оваа девојка малку подоцна починала и следниот ден самиот Амвросиј ја испратил до гробиштата! По заслуга на Амвросиј за епископ бил избран правоверниот Анемиј, човек од никејската вероисповед, која го признава и го исповеда Христовото божество.
Во секој поглед Амвросиј бил силна личност, свет епископ, кој освен од Бога од никој друг не се плашел, па ниту од царот на државната власт. Сочувано е едно писмо од Амвросиј кое било адресирано токму до царот Теодосиј, писмо кое е прекрасен документ како треба да се однесува еден христијанин кон државата и световната власт.
Христијанинот во својата совест е должен да се покорува на законската државна власт, но само доколку таа оваа власт не ја злоупотребува и додека не се осмели да се стави себе на местото на Бога. Ако тргне државата по крив пат, христијанинот се поистоветува со зборовите од Светото Писмо, кое вели: „Повеќе треба да се покорува на Бога, отколку на луѓето!“ Тоа секако ја вклучува и подготвеноста на затвор и на смрт, ако државата го бара она што е против моралниот закон или што е против објавената вистина.
МОЛИТВА:
Боже, ти си му даде на свети Амвросиј да биде учител на католичката вера и пример на апостолската храброст. Подигни ги секогаш во својата Црква луѓето по своето срце мудро и храбро да ја водаат. Преку Христос Господ наш. Амин.
Лаудато/З.А.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк