Светите Тајни не се магичен обред, туку средба со Исус
Исус секогаш нѐ чека, тоа е Божја понизност – рече Папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 24 септември во капелата на домот Света Марта.
Светиот Отец истакна дека Светите Тајни не се магичен обред, туку се средба со Исус кој во животот секогаш нѐ следи. Поттикнат од псалмот на денешната света Литургија: „Ајде радосно во домот Господов“, Светиот Отец говореше за Божјата присутност во нашите животи. Бог е присутен во нашите животи. Во историјата на Божјот народ има прекрасни моменти на радост, но и грди моменти на болка, мачеништво и грев – рече Светиот Отец.
Но и во грдите и во прекрасните моменти секогаш е иста една работа: Тука е Господ, Тој никогаш не го остава својот народ. Бидејќи е Бог, на денот на гревот, источниот грев, одлучи да влезе во историјата на својот народ. А Бог кој нема историја, бидејќи е вечен, сака да создава историја, да оди со својот народ. Уште повеќе – сакаше да постане еден од нас и – како еден од нас – во Исус со нас да оди. Сето тоа ни говори, ни сведочи за Божјата понизност – објасни папата Фрањо.
Божјата големина е во неговата понизност: сака да оди со својот народ. А кога неговиот народ со гревот и идолопоклонството се оддели од Него, Тој беше со нив и чекаше. И Исус доаѓа понизно. Сака да оди со Божјот народ, да оди со грешниците; исто така и со горделивите.
Господ многу се трудеше да и помогне на фарисејските горделиви срца – рече Светиот Отец. Понизност! Бог секогаш чека! Бог е со нас, оди со нас, понизен е и секогаш нѐ чека. Исус секогаш нѐ чека. Тоа е понизноста Божја. А Црквата радосно ја слави таа понизност, Бог кој нѐ следи, пеевме во псалмот: „Ајде радосно во домот Господов“: Да одиме радосно, бидејќи Тој нѐ следи, бидејќи Тој е со нас. И во нашиот личен живот Господ наш Исус нѐ следи преку Светите Тајни. Светите Тајни не се некој магичен чин туку средба со Исус Христос. Во Светите Тајни го среќаваме Господ. А тој е со нас и нѐ следи – рече Папата.
Исус е наш сопатник. И Светиот Дух нѐ следи и нѐ учи тоа што во своето срце не го знаеме и не потсетува на она што Исус нѐ учеше. По него ја чувствуваме убавината на добриот пат. Бог Отец, Син и Светиот Дух се наши сопатници, со нас градат историја. А тоа Црквата со четвртата евхаристиска молитва радосно го слави во Евхаристијата, кога ја слави големата љубов на понизниот Бог, кој сака да биде наш сопатник, кој сака со нас да оди низ Историјата. А ако Тој влегол во нашата историја, тогаш и ние да влеземе малку во Неговата историја, или барем од Него да бараме милост за да ја пишуваме со него историјата, Тој да ја испишува за да биде сигурна – заклучи Папата Фрањо.
К.мк/Д.И.