Црквата денес ја спомнува света Параскева, монахиња – испосничка, која живеела и делувала во 10. век.
„Животот на света Параскева помладата бил напишан од Матеј, митрополитот на Мир, во 17. век, по последното преместување на нејзините мошти во Молдавија во 1641 година, 6 векови по смртта на оваа светица-испосничка, и затоа треба да му се даде релативна вредност на овој временски период.
Параскева е родена во Епиват, пристанишен центар, оддалечен еден ден одење до Цариград, живеела и починала најверојатно во 10. век.
Бидејќи припаѓале на благородничко семејство, таа и нејзиниот брат Ефтимиј, наскоро останувајќи сираци, одлучиле и обајцата да го прегрнат религиозниот живот. Ефтимиј заради своите доблести бил назначен за епископ во Малит, а Параскева по неколку години поминати во еден манастир, се повлекла како испосничка во една пустинска област, прифаќајки го светиот живот на поранешните монахињи-испоснички од Египет и Сирија: долги молитви, ноќни бдеења и постојано постење.
Само во сабота и недела јадела нешто и спиела на гола земја. Една ноќ имала видение: еден ангел барајќи од неа да истрае во нејзиниот труд околу покајаничкиот живот ѝ препорачал сепак да се врати во нејзиниот роден крај.
Параскева тогаш ја напуштила пустината и заминала за Константинопол каде што како поклоник ги посетила светилиштата, ставајќи се под заштита на Пресвета Богородица во црквата на Влахерна; потоа се повлекла во Епифат, каде што остатокот на својот живот продолжила да ги практикува покајанието, самоодрекувањето и молитвата; кога починала била погребана од луѓе кои воопшто не ја ни познавале и сеќавањето за неа згаснало.
Но во следниот период, едно чудо го врати да процвета нејзиното сеќавање; во близина на Епифат живеел еден монах кај кого некои морнари еден ден пред него фрлиле тело на нивниот другар починат од чума. Мртвото тело било веќе во фаза на распаѓање, испуштајќи голема смрдеа, при што монахот замолил некој да го погреба. Некои луѓе копајќи еден гроб, наоѓаат едно тело под земјата кое испуштало мирис, кој пак ја надвладеал смрдеата од телото на починатиот од чумата.
Георги, еден од групата на гробарите, ноќта сонил сон, кога му било побарано пронајденото тело да го стави во ковчег, откривајќи му го исто така и името на Параскева, родена и пораснета во Епиват.
Таа тогаш станала заштитничка на оваа гратче, бидејќи исто така и во друг сон, која истата ноќ го сонувала некоја сосетка на Георги, ветила дека ќе им помогоне на сите оние кои со вера ќе ѝ се обратат на неа.
Моштите биле пренесени во црквата на „Светите Апостоли“, каде што се случиле многу чуда; нејзините заедно со многубројните мошти во Константинопол, од страна на Франките, во 1204 година биле пренесени на Запад.
Но во 1230-31 година телото на Параскева од латинскиот император на Константинопол било предадено на царот Иван II Асен, кој го однел во Трново (Бугарија). Кога Турците во 1393 година го превземале градот Трново, моштите биле пренесени во Белград, каде останале до 1521 година, кога градот бил освоен од Сулејман Величевствениот. Кога султанот разбрал за големата почит која ја имале христијаните кон тие мошти, ги испратил во Константинопол, каде што патријархот ги положил во црквата посветена на Пресвета Богородица Семилостива.
Но исто така и таму не останале долго време, кога во 1586 година Мурат III им го отстранил светилиштето на христијаните, а нејзините мошти заедно со други биле однесени во црквата „Свети Димитар Канаву“, па потоа во „Свети Георги Фанарски“ во 1612, за конечно во 1641 да пристигнат во Јаши во Молдавија, каде што се наоѓаат и ден денес.
Светицата по име Петка уживала голема популарност меѓу луѓето; покрај тоа таа посебно била почитувана од страна на словенските народи на Балканот, затоа што се верувало дека и нејзините родители биле Словени.
Светци и блажени/З.А.