Дикастеријата за богослужби и светотаинска дисциплина објави декрет со кој Папата, прифаќајќи ги барањата и желбите на пастирите, монашките заедници и верните, ја внесува светицата, канонизирана во 2016 година, во литургискиот календар. Чествувањето е наведено како незадолжителен спомен ден и ќе биде додадена во сите календари и литургиски книги за славењето на Света Литургија, како и во Литургијата на часовите.
За светица е прогласена пред девет години, а за блажена беше прогласена пред 22 години, но сите сè уште ја нарекуваат „Мајка Тереза“, бидејќи – како што рече папата Фрањо по повод нејзиното прогласување за светица на 4 септември 2016 година – нејзината светост е толку блиска до нас, толку нежна и плодна што спонтано ќе продолжиме да ја нарекуваме „Мајка“. Токму поради моќното влијание на духовноста на оваа жена која себеси се нарече „мал молив во рацете Божји“, кое сè уште влијае на милиони верници во светот, папата Фрањо – имајќи ги предвид и барањата и желбите на епископите, свештениците, монашките заедници и верниците – одлучи да го внесе името на Света Тереза од Калкута во Општиот римски календар.
Ова е утврдено со декрет објавен на 11 февруари од Дикастеријата богослужби и светотаинска дисциплина, потпишан од префектот кардинал Артур Рош и секретарот надбискупот Виторио Виола. Документот предвидува незадолжителниот спомен ден на светицата да се чествува на 5 септември, денот на нејзината смрт во 1997 година. Со други зборови, отсега ќе може да се служи света Литургија и да се моли Утрена и Вечерна и другите молитви од Литургијата на часовите во спомен на Мајка Тереза.
Литургиски текстови
Овој нов спомен-ден нека биде додаден во сите календари и богослужбени книги за славење на Светата Литургија и Литургијата на часовите – стои во декретот со која се определува усвојувањето на литургиските текстови на латински приложени кон овој документ, кои мора да бидат преведени, одобрени и по потврда од Дикастеријата, објавени од Бискупските конференции. Станува збор за соборната молитва, читањата, текстови поврзани со Литургијата на Часовите и Римскиот мартирологиј.
Извор на надеж
Покрај причините за одлуката на Папата, декретот го истакнува и профилот на неуморната работничка на љубовта, со световно име Агнес Гонца Бојаџиу, која им го врати достоинството на оние кои го немаа. Впишана меѓу светците во 2016 година, името на Мајка Тереза не престанува да свети како извор на надеж за многу луѓе кои бараат утеха во неволјите на телото и духот – се нагласува во документот. Притоа се споменува пасус од Евангелието според Марко (Марко 10,43), односно зборовите на Исус: „Кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга“, како начело и водилка за делувањето на Мајка Тереза. Живеејќи радикално и храбро навестувајќи го Евангелието, света Тереза од Калкута е сведок на достоинството и привилегијата на понизно служење.
Одлучувајќи не само да биде најмала, туку и слугинка на најмалите, таа стана пример за милосрдие и автентична икона на милосрдниот Самарјанин – стои во документот. Милосрдието, всушност, беше за неа „сол“ што им даваше вкус на сите нејзини дела и „светлина“ која ја осветлуваше темнината на оние кои веќе немаа ни солзи да плачат поради своето сиромаштво и нивните страдања. Исусовиот повик на крстот „жеден сум“ (Иван 19,28), продира во најдлабоките делови од душата на Мајка Тереза. Затоа, таа го посветила целиот свој живот на гаснење на жедта на Исус Христос за љубов и на душите, служејќи му меѓу најсиромашните од сиромашните. Исполнета со љубовта Божја, таа подеднакво зрачеше со љубов кон другите – тоа е нагласено во декретот на Дикастеријата за богослужби и светотаинска дисциплина.
Канонизација во 2016 година
Родена на 26 август 1910 година во Скопје, Македонија, Мајка Тереза ја започнала својата мисија во Калкута во 1929 година, но дури откако ги напуштила сестрите од Лорето. Во 1950 година, таа ја основала Конгрегацијата на мисионерките на милосрдието, која денес има повеќе од шест илјади сестри кои работат во 130 земји во светот, почнувајќи од најсиромашните и најнеразвиените. Во 1979 година, Нобеловата награда за мир беше доделена на Мајка Тереза, која тогаш побара парите од наградата да бидат донирани за сиромашните во Индија.
Почина во 1997 година во „нејзината“ Калкута. Свети Иван Павле II., со кого стекна братско пријателство, ја прогласи за блажена на 19 октомври 2003 година. Уште еден Папа, папата Фрањо, кој никогаш не го криеше своето восхитување и посветеност на оваа светица, ја прогласи за светица на 4 септември 2016 година на плоштадот Свети Петар преполн со монахињи, свештеници и верници од пет континенти. Тоа не се случи случајно таа година, туку токму среде јубилејот на милосрдието. Милосрдието со кое – како што рече тогаш Папата во својата проповед – Мајка Тереза беше дарежлива во текот на нејзиниот живот, ставајќи се се на располагање преку прифаќањето и заштитата на човечкиот живот, неродените и она што беше напуштено и отфрлено, наведнувајќи се над исцрпените луѓе, оставени да умираат на рабовите од патиштата, препознавајќи го достоинството кое Бог им го дава, и правејќи нејзиниот глас да го слушнат моќниците од овој свет како би ја признале својата вина за злосторството на сиромаштво кое самите го создале – истакна тогаш папата фрањо
Ватикан њуз/к.мк