Папата во Фатима, на прославата за 100 годишнина од фатимските објави, го предводеше обредот за канонизација на двајцата пастири: Фрањо и Јацинта Марто и ја предводеше светата Литургија.
Во својата проповед рече дека Пресвета Богородица не дојде овде за да можеме да ја видиме. За тоа ќе ја имаме целата вечност, ако се спасиме.
Пресвета Богородица однапред ни навести и нè предупреди на безбожниот начин на живот кој го осквернува Бог во неговите созданија. Таквиот живот – често подложен и наметнат – ризикува да заврши во пеколот. Марија дојде да нè потсети дека во нас пребива Божјата светлина и нè штити, затоа што – како што слушнавме во првото читање, „детето нејзино беше грабнато и однесено при Бога“ (Отк 12, 5). Според раскажувањето на Луција, трите избрани деца биле опкружени со Божјата светлина која зрачела од Пресвета Богородица. Ги покрива со плаштот на светлината кој ѝ го дал Бог – рече Светиот Отец.
Драги поклоници, имаме Мајка. Држејќи се за неа како деца, живееме во надежта која почива на Исус. Исус после своето вознесение на небото, таму ја понесува и нашата човечка природа (телото), преземено од Дева Марија, а која никогаш нема да ја напушти. Нека ова надеж го води нашиот живот! Тоа е надежта која нè држи до последниот здив – рече Папата.
Можеме да го земеме примерот од свети Фрањо и света Јацинта, кои Дева Марија ги запознала со бескрајниот океан на Божјата светлина и ги научила да се поклонуваат. Тоа бил извор на нивната сила во надминувањето на противењата и страдањата – рече Папата.
„Ви благодарам, браќа и сестри, што сте овде со мене! Не можев да не дојдам овде и да не искажам на Девицата почитување и да ѝ ги доверам сите нејзини синови и ќерки. Под нејзиниот плашт тие не се загубени; од нејзината прегратка ќе произлезат надежта и мирот кои ги бараат, а се молам и за сите свои браќа и сестри по Крштение и човечкото семејство, посебно за болните, немоќните, за затворениците и невработените, сиромашните и напуштените. Да молиме браќа и сестри; да го молиме Бог со надеж дека другите ќе нè слушнат; и да разговараме со другите со сигурност дека Бог ќе ни помогне – рече Папата.
Навистина, Бог нè создаде како извор на надеж за другите, вистинска и доволна надеж. Животот може да се преживее единствено преку великодушноста на другите животи. „Ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре – ќе донесе голем плод.“ (Ив 12, 24) Господ Кој секогаш оди пред нас; она што го кажал тоа и го направил. Било кога да искусиме крст, Тој го искусил пред нас. Ние не поставуваме крстови за да го пронајдеме Исуса. Напротив, Он е Тој, Кој со сопственото снижување, се спушти дури и до крстот, за да нè пронајде и да ја растера темнината на злото во нас и да нè врати во светлината.
Со заштитата на Марија, да бидеме за овој свет стражари на зората, гледајќи го вистинското лице на Исус Спасителот, на Воскресението толку блескаво. Така можеме повотрно да го откриеме младото и убаво лице на Црквата, кое блеска кога таа е мисионерска, гостољубива, слободна, верна, сиромашна со средства, а богата со љубов – рече на крајот од проповедта Светиот Отец.
РВ/к.мк