Света Бројаница за мир: Папата ќе го заврши Маријанскиот месец во базиликата Света Марија Велика
Папата, заедно со светилишта ширум светот, ќе ја предводи Светата Бројаница за мир во базиликата Света Марија Велика, на 31 мај 2022 година, за оние кои страдаат од војната во Украина и војните ширум светот. Од молитвата Света Бројаница, со која ќе се заокружи Маријанскиот месец, ќе следи директен пренос преку официјалните канали на Светиот Престол.
Папата Фрањо ќе ја предводи Светата Бројаница за мир како знак на надеж за оние кои страдаат од војната во Украина, како и од војните ширум светот. Ова денеска, на празникот Вознесение Господово, е соопштено од Папскиот совет за промовирање на нова евангелизација.
„На крајот на Маријанскиот месец, папата Фрањо сака да му понуди знак на надеж на светот, кој страда од конфликтот во Украина и е длабоко ранет од насилството на многу војни кои се уште траат“, се вели во соопштението.
Затоа, во вторник, на 31 мај, во 18 часот, Папата ќе моли Света Бројаница пред статуата на Марија, Regina Pacis (Царица на мирот) во римската базилика Света Марија Велика.
„Сите верници, во сите делови од светот, се повикани да го поддржат папата Фрањо во неговата молитва до Царицата на мирот“, се вели во соопштението.
Папата Бенедикт XV и молитва за крај на Првата светска војна
Изработката на статуата на Богородица, Regine Pacis, беше нарачана од папата Бенедикт XV како би побарал од Дева Марија да стави крај на Првата светска војна во 1918 година. Статуата е направена од Гвидо Гали, тогашниот заменик директор на Ватиканските музеи.
Богородица е прикажана со крената лева рака како знак на заповед да стави крај на војната, додека во десната го држи Детето Исус, подготвено да фрли маслиново гранче кое го симболизира мирот. Во подножјето се врежани цвеќиња кои го симболизираат цветањето на животот со враќањето на мирот. Традиционално е верниците да поставуваат мали рачно напишани пораки со молитвени накани пред нозете на Богородица. Папата ќе положи венец со цвеќе во подножјето на статуата пред да ја упати својата молитва до Богородица и да ја упати својата посебна накана.
Кој ќе моли со Папата во базиликата?
Бројни групи ќе му се придружат на Папата во молитва во базиликата. Меѓу другите ќе бидат вклучени првопричесници, извидници, семејства од украинската заедница во Рим, претставници на Горливата маријанска младина, членови на жандармеријата на Ватикан и Папската швајцарска гарда, како и членови на три римски парохии посветени на Дева Марија – Царица на мирот и членови на Римската курија. Во знак на близина, десетка ќе моли едно украинското семејство, луѓе поврзани со жртви од војната, како и група воени капелани со нивните единици.
Светилишта ширум светот
Исто така, голем број меѓународни светилишта од целиот свет ќе се приклучат на молитва во исто време, како и неколку светилишта од области зафатени од војна или места каде што има голема политичка нестабилност. Тие ќе бидат поврзани со Рим преку директен пренос.
Меѓу светилиштата се Светилиштето на Мајка Божја во Украина; Катедралата Сајидат ал-Најат (Пресвета Богородица на спасението) во Ирак; Катедралата на Пресвета Богородица на мирот во Сирија; Катедралата Марија, Царица на Арабија во Бахреин. Меѓународните светилишта што треба да се приклучат се Светилиштето на Исус Спасителот и Мајка Марија; Светилиштето Јасна Гора; Меѓународното светилиште на корејските маченици; Светата куќа Лорето; Блажена Девица Марија на Светата Бројаница; Меѓународното светилиште на Пресвета Богородица од Кнок; Пресвета Богородица Бројаница; Пресвета Богородица Царица на мирот од Меѓугорје; Светилиштето на Пресвета Богородица од Гвадалупе; Светилиштето на Пресвета Богородица во Лурд.
Ватикан њуз/к.мк