Кулата на готската катедрала во францускиот град Руан во Нормандија се запали во четвртокот (11 јули) за време на реновирањето, а сцените првично потсетуваа на разорниот пожар во катедралата „Нотр Дам“ во Париз во 2019 година. Властите на градот во Нормандија соопштија дека пожарот е ставен под контрола, јавуваат светските медиуми.
Првичните телевизиски снимки на BMF покажаа темен облак од чад кој што се издигнуваше од кулата и луѓето на улиците со ужасен поглед.
Претставник на пожарникарите рече дека изворот на пожарот е лоциран и дека екипите работат за да се осигураат дека нема преостанати „жешки точки“. Тој за новинарите изјави дека опасноста од ширење на пламенот е мала бидејќи пожарот бил во област каде што повеќето од конструкциите се метални. Рече дека градежните работници први го забележале пожарот и ги алармирале властите.
Скапоцен камен на француската средновековна готска архитектура, катедралата датира од 12 век и неколку пати била насликана од импресионистичкиот уметник Клод Моне во 19 век.
Неколку недели кулата на катедралата во Руан беше опкружена со скелиња и бела заштитна ткаенина.
Локалните власти по пожарот рекоа дека катедралата е евакуирана, а итните служби се на терен. Околу зградата е поставен безбедносен кордон. Засега нема информации за жртви, а се уште не е познат степенот на штетата.
Ика/к.мк