Со ова размислување за Рождеството Христово од кардинал Шенборн Католици.мк на сите свои читетли го честита празникот Рождество Христово и посакува Богомладенецот да се роди во секое човечко срце и да донесе мир и простување во ранетите човечки души.
Со раѓањето на Исус Христос, милосрдието стана видливо. Само љубовта може да го објасни раѓањето во сиромашното семејство и во малата штала. Тоа се крајностите кои Бог е спремен да ги направи за да нѐ привлече кон себе. Да станеме како Бог. Величенственоста и силата Божја, кои беа објавени на гората Синај, инспирираа почит и страв, додека нашиот Господ во Божиќните јасли, со ова ново објавување, инспирира љубов и желба да бидеме со него. Ако Божјиот закон за царството е љубовта и за да би влегле во неговото царство треба да станеме како деца, тогаш поврзаноста помеѓу Витлеем и нашиот живот е многу јасна. Мора да станеме понизни и мали за да сакаме.
„Бог е љубов“; само кога оваа вистина ќе допре во нашето срце и душа тогаш ќе може да почнеме да го живееме нашето хрстијанство со целосна автентичност. Само тогаш може да научиме да бидеме совршени како што е совршен небесниот Отец (спр. Мт 6,48) во понизноста, смиреноста и љубовта.
Раѓањето на ново дете во семејството е многу сериозна работа! Овој момент ќе остави траен спомен на сите членови од семејството. Не само што детето со својата личност и темперамент, со своите желби и потреби ќе влијае на неговите родители, браќа и сестри, туку и самото дете ќе ги наследи доблестите и недостатоците, талентите и мудростите, духот и традицијата на своите претци.
Семејството на целиот свет се собира околу Исусовиот роденден. Меѓутоа, „вистинското Светло кое го просветлува секој човек“ и кое „доаѓа на свет (…) и светот преку Кое беше создаден“ пред сѐ не било прифатено „од своите“. Тие кои требало први да бидаат озарени од Божјата светлина не ја прифатија оваа светлина туку сакаа да останат да тапкат во темнината на нивните традиционални обреди, закони и прописи.
Божиќ во моментот на своето раѓање е опкружен со темнина. Оваа темнина може да произлезе од трагедијата како што се уништувањето на секоја надеж, смртта на некоја блиска личност. Темнината може да нѐ обземе и заради гревот и несоодветниот начин на живот, заради конфликтите и неправдите. Во таква темнина се раѓа детето. Настаните околу нас и во светот нема да го спречат раѓањето на детето чие време дошло. Згора на тоа, сите тие настани Бог ќе ги вклучи во својата порака за спасение.
Гледајќи ја од верска перспектива причината на економската криза која завзема голем замав може да биде само мрак кој настанал во моментот кога човекот почнал да ја гаси божествената светлина на земјата, а да се ориентира само со својата ограничена светлина и својот интерес, кои почнале да догоруваат. Времињата не се тешки заради тешката економска криза која се појавила во светот, туку времињата се тешки затоа што луѓето не го познаваат Бога или живеат како да го нема, додека кризата е само последица на нашите избори.
Пастирите го виделе Новороденчето, детето, кое изгледа како и секое друго новороденче. Потоа пастирите се вратиле на своите пасишта, исто како што и ангелите се вратиле на небеста. Однадвор гледано, сѐ било како и порано. Но сепак, пастирите откриле нов свет во шталата на светот. Тој нов свет влијаел на нив. Неговиот сјај го зачувале во себе и го понесоа во тешкиот секојдневен живот. Нивниот живот продолжува и понатаму – но поинаку од порано. Бидејќи сега го гледаат тоа со очи кои виделе, ниту повеќе ниту помалку, туку ангели.
После Божиќ и нашата реалност може да биде преобразена, бидејќи и нашите очи во малиот човек може да го откријат големиот Бог. Бог ни дојде многу близу, пред сѐ во оние кои мора да живеат во сиромаштија, беда и страв. Во секој човек Бог чека повторно и на нов начин да ги отвори очите, човекот да прогледа и да тргне кон патот на спасението.
Затоа Божиќ и денес е актуелен, бидејќи Бог не престанува да го предупредува човештвото за опасноста од оддалечувањето на Бога од човечкото општество. Бог никако не се помирува со темнината, туку го тргнува превезот на незнаењето и непознавањето на Бога, и спознавајќи го Бога да го откриеме своето сопствено достоинство.
Божиќ не е само Божјето раѓање на земјата, туку и празник за раѓањето на новиот човек. Тој, овоплотеното Слово Божјо, нека ни го покаже своето лице, нека нѐ осветли со сјајот на неговата светлина, за да би ја виделе во неговата светлина посветлата иднина, а исто така и светлината на вечниот живот.
Папата свети Лав Велики пишува: „Го славиме раѓањето на нашиот Спасител Исус Христос. Го славиме роденденот на Животот. И никој не е исклучен од оваа радост. Праведникот нека се радува, бидејќи се приближил до победата. Грешникот нека се весели, бидејќи е повикан на опростување. И некрстените нека се радуваат, бидејќи се повикани на живот.“
Кардинал Шенборн/З.А.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк