Рим, светска престолнина на катехистите
Над 1.600 катехисти, пасторални работници, професори и експерти од различни воспитни сектори се собрани во Рим по повод Меѓународниот конгрес на катехисти, кој се одржува од 26 до 28 септември во ватиканската сала „Павле VI“ , во контекст на „Денот на катехистите“ (26 -29 септември). Иницијативата на тема „Катехистот, сведок на верата“ , се одржува во склоп на Година на верата и има за цел да се обнови и повторно порасне желбата за подобро познавање на Катехизмот на Католичката црква .
Средбата е наменета за претседателите на епископски комисии за катехизам и евангелизација, раководителите на катехетските заводи и пред сè кон катехистите, чиј број, денес во светот, изнесува повеќе од три милиони.
Во програмата на настанот е опфатено и поклонение на катехистите од целиот свет на гробот на свети Петар и света Литургија на плоштадот Свети Петар, која ќе ја предводи папата Фрањо по повод „Денот на катехистите“, 29 септември. Посебен момент е аудиенцијата кај папата Фрањо во салата „Павле VI“ на 27 септември на која ќе одржи и катехеза. Освен тоа, во деновите на конгресот 14 епископи од различни јазични групи ќе држат катехези во црквите околу базиликата Свети Петар.
Катехистите, наведува монсињор Октавијан Руиз Аренас, секретар на Папскиот совет за нова евангелизација, кој ги отвори работните сесии на Конгресот, „се главните соработници на свештениците во предавањето на верата . Затоа, денес тие треба да бидат охрабрени, бидејќи вршат активност која е од големо значење за Црквата. Имаат потреба од сериозна подготовка, која е и една од целите на средбата“. (В.Н.)