Во периодот од 13 до 15 ноември 2018 година во Мостар се одржа Регионален форум на Каритас за заштита на деца, во организација на Каритас Босна и Херцеговина и Каритас на бискупиите Мостар-Дувно и Требиње-Мркан, со подршка на Остхилфе – фондот на бискупијата Линц.
На регионалниот форум учествуваа директори и претставници на Национални и бискуписки Каритаси од Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Црна Гора и Македонија. Од страна на Македонски Каритас учество зеде директорот дон Паво Шекерија, придружуван од координаторот Спасе Спасов.
Каритас Интернационалис беше претставен од извршниот директор г-дин Јакоб Винтер, а од страна на Остхилфе – фондот на бискупијата Линц присутна беше извршната директорка г-ѓа Сигрид Шпиндлбек.
Форумот имаше за цел подигање на свеста за потребата од изработка на насоки за заштита на децата, како и да се понудат конкретни упатства, механизми и алатки, по примерот на стандардите на Каритас Интернационалис, а воедно и да се разменат искуства во мрежата на Каритасов за добри практики за заштита на децата.
к.мк