Повод: Неовластеното објавување на доверливи документи
„Одиме напред, мирно и одлучно“, ова се зборовите со кои папата Фрањо реагираше на вестите за неовластеното објавување на доверливи документи во Ватикан и објавувањето на книги поврзани со нив.
Неговите зборови во разговор за Радио Ватикан ги пренесе заменикот на ватиканскиот државен секретар надбискупот Анџело Беки.
Да потсетиме, овој викенд во Ватикан се фатени две лица кои на новинарите им давале доверливи ватикански документи. Врз основа на тие документи напишани се две книги кои критички зборуваат за неправилностите во Римската Курија и нејзиниот отпор на финансиската реформа која ја спроведуваат соработниците на Папата.
Самиот Папа не се обрати во јавноста по повод тие несреќни настани, но неколку ватикански функционери ги коментираа, цитирајќи ги и овие зборови на Римскиот епископ. Како што истакнуваат функционерите, сето тоа го растажи Папата, но тоа не го поколеба да продолжи со реформата.
Кардиналот Франческо Кокопалмерио, претседател на Папскиот совет за правни текстови, предупреди да не се наседне пред целта што ја имаат сите тие кои стојат позади ова неовластено објавување на документите и кои сакаат да остават впечаток дека во Ватикан се случуваат лоши работи. Кардиналот рече дека треба да се постави прашање на кои сили надвор од Ватикан им одговара овој скандал, имајќи во предвид дека Папата со својата енциклика „Laudato si“, повикува на идејата за целосна екологија која наруши многу интереси.
На внимателно подготвената операција која стои позади овој проток на информации предупреди и епископот Марчело Семераро, секретар на Кардиналскиот совет, кој му помага на Папата во реформата на ватиканската администрација. Тој изјави дека станува збор за обид да се блокираат тие реформи, но дека таквиот обид нема да успее.
Изјава за Радио Ватикан даде и портпаролот на Светиот Престол, отец Федерико Ломбарди, кој истакна дека публикацијата на украдените информации дава нецелосна тенденциозна слика за она што се случува во финансиското работење на Ватикан. Овие книги тврдат дека таму владее хаос, а се игнорира фактот дека во меѓувреме e воспоставенa успешна финансиска контрола со независни ревизори и дека тоа ќе остане на сила.
Битно нет/В.Н.