Размислување на бискупот Стојанов за празникот Благовештение

Размислување на бискупот Стојанов за празникот Благовештение

Црквата денес го слави празникот Благовештение. По тој повод бискупот Стојанов упати размислување и охрабрување кое го пренесуваме во целост.

Драги верници, оваа година, празникот Благовештение е ден што посебно не обединува сите нас. Нè обединува во благодарноста кон Господа, но пред сè во молитвата за нашата земја, за светот, погодени од злото на коронавирусот. Државните како и црковните власти, од оправдани причини заради оваа неволја во која се наоѓаме, нè обврзуваат да го прославиме овој ден дома, во семејството, можеби сами. Голем празничен ден кој се слави во изолација, страдање, болка од ситуација што не можеме да ја разбереме, но пред сè мачна ситуацијата што доминира во нас.

Но, да не заборавиме дека денешниот празник е христијански празник, празник во кој го славиме темелот на нашата вера во Господ Исус. Ние го славиме тој ден кога „Словото стана тело“, тој стана еден од нас. Тој вечен Син на Отецот, е воплотен од Светиот Дух и од секогаш Пресветата Дева Марија. Неговото воплотување продолжува да биде присутно меѓу нас преку прогласувањето на Евангелието, преку Црквата, што е таинство на присуството на Господ меѓу нас, преку Светите Тајни, преку браќата.

И во овие денови на изолација, страдање, болка, но исто така и на надеж, денови кога мора да се откажеме и да бидеме лишени од прославата на овој празник во Црквата, со браќата и сестрите, како народ по раѓање и вера ми се чини дека Господ бара три работи од нас, кои треба да ги правиме и кои сакам да ви ги предложам:

Чувствувајте се семејство и Црква. Имајте на ум дека не сме сами, изолирани, ние сме, сепак, семејство и Црква. Црквите остануваат затворени, но ние се молиме дома, во семејството, кое се чувствува дел од Црквата, членови сме на Црквата. На овој ден, во семејството, да молиме за сите кои се во потреба во нашата земја и светот во оваа време на искушение.

Помош на ближните. Да им помогнеме во нивните потреби, во нивните болести и во нивната осаменост. „Она што го направивте на еден од овие мои најмали, мене ми го направивте…“, ни вели Господ, а особено денес во Евангелието. Помагање на другите со мали гестови кои можеби изгледаат ништо, но сепак се многу важни. Дури и телефонскиот повик или порака до личност која е осамена ако во тој миг ја искажеме нашата блискост може да и донесе радост и утеха. Ве повикувам да бидеме дарежливи во секој поглед.

Да бидеме послушни во исполнувањето на препораките и одредбите на државните и црковните власти. Во овој миг чувствувам дека треба да инсистирам на ова. Имајте во предвид дека тоа е за доброто на сите нас. Одредби кои можеби во овој миг ни изгледаат несфатливи, се бориме да ги прифатиме, одредби, можеби, кои нè вознемируваат. Но, повторувам решенија кои се неопходни за наше општо добро и како верници и како граѓани на Македонија и светот. Во Литургијата се молиме за нашите владетели и власти… Еден облик на молитва во овие времиња за тие луѓе ќе биде за поздравување и почит кон дадените одредби.

И Словото стана тело“ … Да го молиме Господа на овој празник да ни овозможи и покрај големите болки и страданија секогаш да останеме луѓе со силна вера и надеж во Бога, како што беше и Блажена Дева Марија. Затоа што „Словото стана тело и живееше и живее меѓу нас“.

к.мк

За авторот