Радово: Дедо Трајо 30 години е во служба на Бога и Црквата

Во неделата, 13 април 2014 година на празникот Цветници во црквата Свети Пророк Илија во Радово се прослави еден прекрасен јубилеј 30 години во служба на Бога и Црквата на дедо Трајко Иванов.

1628_1На светата Литургија, која во сослужение со о. Трајче Ташев и о. Илија Стојанов ја предводеше парохот о. д-р Зоран И. Стојанов, покрај семејството и роднините на дедо Трајо (како што сите го викат во парихијата) присуствуваа и многи верници од Радово од сите генерации. Во својот наговор о. Зоран ги пренесе поздравите на Апостолскиот егзарх во Македонија, Неговото Високо Преосвештенство монс. д-р Киро Стојанов, кој во својата петгодишна служба парох во Радово од 1994 до 1999 година делуваше заедно со славеникот. И додаде о. Зоран: „… Далечна е сега 1984 од кога дедо Трајо започна (тогаш парох во Радово беше о. Димитар Ташев), до денес тој не прескокна ниту еден ден, а да не дојде во храмот Божји и дворот на црквата Свети Илија за да ги обави своите должности кои секогаш совесно и домаќински ги извршува… Убеден сум дека драгиот Бог ќе го награди, а ние ќе го подржиме со нашите молитви за да даде Бог уште многу години да биде во служба.“

По светата Литургија и молењето на Крсниот пат, најмладите имаа рецитал и песни во чест на славеникот, кој кратко со солзи радосници во очите рече: „И јас сум благодарен на Бога, на тебе оче Зоран и на сите. Дедо владика ми рече – додека имам сила секогаш да идам во црквата“.

На Многаја лета – драг дедо Трајо!

з.и.с.

1628_2

Категорија: Македонија

За авторот