Работничко евангелие на папата Фрањо

Црквата на 1 мај го слави празникот на свети Јосиф работник, кој папата Пио XII во 1955 година го востанови, сакајќи Меѓународниот ден на работниците кој секоја година се слави на 1 мај да има христијанско обележје. И овогодинешниот Меѓународен ден на работниците се одбележува во атмосфера на тешка економска криза, кога во светот има повеќе од 202 милиони невработени, а бројот би можел и да се зголеми во наредните години. Во првата година од понтификатот папата Фрањо често остро ја осудува моменталното економско уредување.

Кога општеството е организирано така да не можат сите да работат… таквото општество не е добро: не е праведно. Папата користи остри зборови против сегашната општествена структура која на многумина им ја негира работата. Таквата економија убива – вели Папата во апостолското писмо „Радоста на Евангелието“ – бидејќи го претпочита законот на посилниот, каде што моќниот го проголтува послабиот. Денес на дело е невидлива тиранија, понекогаш виртуелна, обожавајќи пазари каде што владеат финансиски шпекулации, раширена корупција и егоистично затајување на данок. На средбата со работниците од железарницата во Терни, Папата се осврна на драмата невработеност.

Невработеноста е последица на економскиот систем кој не е способен да создаде работа, затоа што во центарот е ставен идол кој се нарекува пари. Затоа се повикуваат разни политички, општествени и економски субјекти да осмислат поинаква структура, заснована на праведност и солидарност. На зборот солидарност во овој момент му се заканува опасност да биде исфрлен од речникот. Солидарност: изгледа како некој грд збор! Не! Солидарноста е важна, но овој систем не ја почитува, туку ја отфрла – рече Папата на 20 март говорејќи на работниците од Терни.

Сегашната култура на „отпад“ – истакна Папата – создаде „нешто ново“, исклучени не се „експлоатираните“ туку се отфрлени, тие се вишок. А за време на светата Литургија во домот Света Марта во мај минатата година рече: Денес луѓето се помалку важни од работите кои донесуваат профит на политичките, општествените и економските моќници. До каде стигнавме? До таму што повеќе не сме свесни на достоинството на луѓето, достоинството на работата – рече Папата во проповедта на 1 мај 2013 година.

Каде што нема работа – рече Светиот Отец – нема ниту достоинство: а ова ситуација не е случајна, затоа што многу општествени, политички и економски системи го избраа патот на експлоатација на луѓето. Во апостолското писмо „Радоста на Евангелието“, Папата зборува за новите облици на ропство, за ропската работа: Во нашите градови – пишува Папата – се всади мафијашки погрешен криминал, а на многумина од рацете им тече крв поради лесно и тивко соучество – рече папата Фрањо.

Колку луѓе во светот се жртва на тој вид ропство во кое човекот е во служба на работата, а би требало работата да служи на луѓето за да имаат достоинство. Барам од браќата и сестрите верници и сите луѓе со добра волја за одлучна борба против трговијата со луѓе, во чии рамки е и ропската работа – кажа Папата на Генералната аудиенција на 1 мај 2013 година.

Папата Фрањо го цитира Иван Павле II кога зборува дека Црквата „не може, ниту смее да биде на работ на борбата за праведност“, бидејќи „потребен е пророчки глас“ во контекстот кој сака да ги замолчи сиромашните, кога другите не сакаат да се откажат од своите привилегии. Затоа Папата повикува: Драги браќа и сестри; не престанувајте да се надевате на подобра иднина. Борете се за тоа! Не дозволувајте песимизмот да ве вовлече во својот вруток, ве молам. Ако секој ја извршува својата должност, ако сите секогаш во центарот ја ставаат човечката личност со нејзиното достоинство, а не парите, ако се зацврсти солидарното однесување и братското делење, вдахнато од Евангелието, може да се излезе од мочуриштето на напорниот и тежок економски период – рече Папата во говорот пред работниците во железарницата во Терни.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот