Според неодамна објавениот извештај на ОН, патувањето кое мигрантите и бегалците го минуваат низ африканската пустина е покобно од преминувањето на Средоземното Море, кое е една од најопасните миграциски рути во светот. Во последните три години таму животот го загубија повеќе од илјада луѓе. Винсент Кошетел (УНХЦР): 79% зажалеле што одлучиле да тргнат. За 70% од оние кои ја напуштиле својата земја, на крајот Либија е местото каде што пристигнуваат.
Ако Медитеранот е гробишта, пустината е Голгота. Според последниот извештај насловен „На ова патување, на никого не му е грижа дали живееш или умрираш“ – објавен од Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР), Меѓународната организација за миграција (ИОМ) и Центарот за мешана миграција (ММЦ) – УНХЦР интервјуирал 32.000 мигранти и бегалци, кои зборуваат за мртви тела расфрлани по песокот на Сахара. Тие зборуваат за стравот од смрт во текот на преминувањето бегајќи од своите земји, а за многумина е кобно.
Преминувањето на Сахара е поопасно од преминувањето преку Медитеранот
Винсент Кошетел, специјалниот пратеник на Обединетите нации за западен и централен Медитеран, го претстави документот на почетокот на јули во Женева и се осврна за него и за Ватикан њуз.
Зборувајќи за тоа зошто преминувањето на Сахара е поопасно од преминувањето на Средоземното Море, тој рече дека првата опасност за која зборуваат мигрантите и бегалците се нападите на криминалните групи кои ги ограбуваат и им одземаат сѐ. За жените, дополнително, постои поголем ризик од сексуално насилство на овие рути. Покрај тоа, тука е и насилството на шверцерите или заканите од трговците со луѓе: изнуда, принудна работа, а понекогаш и сексуална експлоатација. Опасности доаѓаат и од надлежните на граничните контролни станици, од луѓе кои ја злоупотребуваат својата положба за да изнудат пари од овие несреќници, не само на рутите кон северот на Африка или по морски пат кон Европа, туку и на копнените патишта до внатрешноста и на југот на африканскиот континент.
Тајно и премолчено насилство
Специјалниот пратеник на ОН потоа посочи дека Сахара е „црна дупка“ за невладините организации и меѓународните институции и додаде дека има многу такви црни дупки до кои никој нема пристап или имаат пристап многу малку луѓе. Многу е тешко меѓународните организации да одат таму поради екстремните географски услови, но и затоа што некои влади не сакаат хуманитарните организации да бидат сведоци на ова тајно и премолчено насилство – рече тој. Станува збор за феноменот на смртни случаи во пустина, кои многу помалку ги покриваат медиумите бидејќи се помалку видливи од бродот во тешкотии на Медитеранот. Хуманитарните организации мора да најдат други канали на информации: да работат малку повеќе со традиционалните водачи, со локалните власти, кои се сведоци, а понекогаш и жртви на овие банди – истакна Кошетел.
Либија често е крајната дестинација
На новинарско прашање дали, откако се надминати опасностите од Сахара, сè уште сакаат да го преминат Медитеранот за да стигнат до Европа, тој рече дека во сопствената земја 21% од анкетираните одговориле дека ја имаат на ум дестинацијата и дека, без оглед на информациите за опасностите, тие би дале сѐ од себе. Сепак, 79% од нив се покајале што ја донеле таа одлука. Да ги знаеја вистинските ризици, немало да тргнат на тоа патување. За многумина, Либија е крајната дестинација. Имено, 70% од луѓето стигнале до крајната дестинација кога ќе пристигнат во Либија.
Решенија со цел заштита
Што се однесува до решенијата за заштита, бидејќи динамиката во заедниците не е нужно иста, потребно е да се открие кој влијае на нив, како ги финансираат нивните патувања, кои програмски активности имаат стабилизирачка вредност, каде заштитата треба да се подобри и да се работи на враќање – истакна Кошетел. Потребно е да се започне цела низа активности, и тоа не само хуманитарните организации. Државите треба да преземат одговорност за овие решенија засновани на теренско испитување и не смееме да ја напуштиме оваа обврска за солидарност. Пред сѐ, треба да спасиме човечки животи, без разлика на статусот на овие лица, без разлика дали се бегалци или мигранти. Трговецот со луѓе не знае дали некое лице е мигрант или бегалец. Европа, исто така, треба да им помогне на земјите долж овие рути да воспостават механизми за заштита и помош кои ќе обезбедат достоинствени алтернативи за опасните и нередовни патувања. Донекаде во духот на она што европските земји го усвоија со некои африкански земји на самитот во Валета во 2015 година – истакна специјалниот претставник на Агенцијата за бегалци на ОН.
Ватикан њуз/к.мк