Прочитај пред да се склопат стрелките на часовникот….

Последните денови од граѓанската година носат некоја посебна таинственост…. Ние тоа го викаме Стара година, а всушност е последниот ден од годината која е зад нас. Старата година е како планински врв од која може да се видат сите 365 дена, и ако били исправни да се одмориме од нив, да се опуштиме или пак да жалиме што тие денови биле празни и што не ги искористивме со некој да се помириме, да му простиме на другиот.

Старата година е последен повик за да ја направиме оваа среќна, без терет, болест или грижа на совеста да влеземе во нов период од животот. Тоа е последен повик да направиш нешто добро и со тоа оваа година да ти изгледа среќна, на неа да се навраќаш како на благослов за својата иднина.

Овој ден не вреди ништо ако само се закопаш во песокот на грижите, во подготовките за дочекот на Нова година. Подобро е овој ден да го искористиш за да ја измиеш својата совест, да му простиш на секој човек, да молиш да ти се прости, и лично да се помириш со небото кое единствено дава новост во Новата година. Барем последниот ден од годината треба да ти припаѓа на тебе. Барем тој ден можеш да се засакаш самиот себе и својот живот, да го утешиш своето срце, својата совест повторно да ја расветлиш и да ја направиш да биде радосна. Барем денес можеш да им простиш на оние со кои живееш, можеш да посакаш да бидеш поинаков, задоволен, среќен.

Часовите и минутите те предупредуваат дека наскоро ќе биде полноќ и дека е важно да се направат одлуки важни за животот, за доброто и за светоста. Запри ги работите и седни некаде во некој мирен ќош и пронајди се себе, својот живот, својата душа, својата иднина. Наслушкувај во тишината која те опкружува и потони во мир. Во таа смиреност која ќе те опфати кога ќе одлучиш дека ништо повеќе не е важно освен самиот ти и овој момент од твојот живот, ќе те опсипе присутност на Некој кој кон тебе има неизмерна симпатија, Некој кој можеби 365 дена не успеа да навлезе во тебе.

Бог стана човек за да ти се приближи. Тој го сака твоето друштво, Тој те разбира во сѐ и воопшто не те осудува. Сега заедно со Него погледни во изминатата година, погледни што би требало да промениш во твојот живот за да биде потполн и посреќен. Научи се последните денови да ги правиш први, загубата да ја претвориш во добивка. И не дозволувај деновите да ти поминуваат празни. Ова е ден на благодарност и планирање. Денес на последниот ден, започни да живееш од почеток.

Католици.орг/го*ко

Категорија: духовнитекстови

За авторот